Белград. 2 декември 2025 – Србија не добила позитивна одлука од САД за продолжување на снабдувањето со нафта за Рафинеријата во Панчево, изјави денеска претседателот на Србија Александар Вучиќ по состанокот со тимовите за енергетска стабилност и безбедност во Белград.
„Очекувавме лиценца за продолжување на снабдувањето, но не ја добивме“, рече Вучиќ, додавајќи дека рускиот сопственик на НИС „недвосмислено не сака да продава“, што, како што нагласи, е нивно право. „Американците се водат од свои интереси, а засега штетата ја трпи само Србија“, истакна тој.
Според Вучиќ, Министерството за рударство и енергетика ќе ја извести компанијата НИС дека Србија нема назнаки дека САД ќе ја одобрат потребната лиценца, што ќе го предизвика запирањето на работата на Рафинеријата во Панчево.
„Даваме дозвола за прекин на работата. НИС ќе одлучи дали рафинеријата ќе престане да работи денес или во следните денови“, изјави тој, објаснувајќи дека секој ден одржување на системот во „топла циркулација“ носи загуби од околу 370.000 евра.
Закана од секундарни санкции
Вучиќ предупреди дека секоја комерцијална банка во Србија може да биде санкционирана доколку работи со НИС, вклучително и Народната банка на Србија. „Тоа би било катастрофа за нашиот финансиски систем и инвестициски рејтинг“, рече тој.
Тој додаде дека прекин на платниот промет би предизвикал сериозни проблеми не само за компанијата, туку и за целата држава. Поради тоа, Србија „на сопствен ризик“ ќе овозможи платен промет со НИС до крајот на неделата, за компанијата да може да исплати плати и да ги намири обврските кон добавувачите.
Гориво има, но граѓаните ќе мораат на други пумпи
Србија има доволни резерви на сите видови горива до крајот на јануари, потврди Вучиќ. „Ќе има доволно бензин, дизел и керозин, но граѓаните ќе мора да одат на други пумпи“, изјави тој, потсетувајќи дека 47% од прометот со деривати се одвивал преку бензинските станици на НИС.
Во државните резерви, според него, има повеќе од 204.000 тони дизел, кој сочинува 82% од вкупната потрошувачка на горива.
Вучиќ додаде дека Србија ќе ја пресече состојбата на 15 јануари доколку до тогаш не се постигне договор меѓу НИС и потенцијалните партнери од арапските земји, Унгарија или Велика Британија. „До 15 јануари ќе го завршиме целиот процес“, рече тој.
Алтернативи за снабдување со гас
Претседателот најави дека ако до петок не биде добиен нов гасен договор, Србија од понеделник ќе почне преговори со други снабдувачи, при што државата веќе обезбедила средства за тоа.
Извор: Nova.rs
