Спот-цената на нафтата над 140 долари, дизелот ја проби границата од 200

Глобалните енергетски пазари се соочуваат со силен ценовен удар, откако спот-цената на суровата нафта Брент за непосредни испораки достигна 141,36 долари за барел, највисоко ниво од финансиската криза во 2008 година.

Станува збор за т.н. спот-цена, која ја означува тековната пазарна вредност за нафта што се испорачува во краток рок, обично во период од 10 до 30 дена. За разлика од фјучерс-договорите, кои се однесуваат на идни испораки, спот-цената најдиректно ја одразува моменталната состојба на понудата и побарувачката. Нејзиниот нагол раст упатува на итен недостиг на физичка нафта на пазарот.

Зголемувањето е директна последица на сериозните нарушувања во снабдувањето, предизвикани од затворањето на Ормускиот теснец, клучна артерија за светската трговија со нафта. Истовремено, јазот меѓу спот-цената и фјучерс-договорите дополнително ја открива неизвесноста, цената за јуни останува значително пониска, што според аналитичарите создава лажно чувство на стабилност и не ја отсликува реалната состојба на терен.

РЕКЛАМА

Паралелно со нафтата, нагло растат и цените на дизелот. На лондонскиот пазар тие веќе ја надминаа границата од 200 долари за барел, откако вчера се искачија токму до тоа ниво, достигнувајќи највисоки вредности од 2022 година. Само во еден ден, цените скокнаа за околу 12 проценти, поттикнати од прекините во транспортот на рафинирани деривати преку Ормускиот теснец.

Од почетокот на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, цените на дизелот растат побрзо од суровата нафта, што укажува на засилена борба за гориво неопходно за транспортот и индустријата.

Меѓународната агенција за енергија предупредува дека недостиг од дизел и авионско гориво може да ја погоди Европа веќе во наредните месеци. Дополнителен притисок врз глобалната понуда создаваат и нападите врз енергетската инфраструктура на Блискиот Исток, како и ограничувањата во извозот од Русија.

Ормускиот теснец, преку кој минува значителен дел од светската трговија со нафта и деривати, останува критична точка за стабилноста на пазарите.

Експертите предупредуваат дека актуелната криза може да прерасне во еден од најголемите енергетски шокови во поновата историја, со сериозни последици врз глобалната економија и инфлацијата.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил