S&P Global: Европскиот електроенергетски систем постабилен од 2022, но и понатаму со ограничена флексибилност

Европскиот електроенергетски систем влегува во летото 2026 година во значително подобра состојба отколку за време на кризата во 2022 година, но и натаму се соочува со структурни слабости, особено во поглед на флексибилноста, се наведува во анализа на S&P Global.

Според анализата, иако актуелната криза на Блискиот Исток може да предизвика раст на цените, не се очекува директна закана за снабдувањето со електрична енергија во Европа, како што беше случај со прекинот на рускиот гас по инвазијата врз Украина.

Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен оценува дека континентот не се наоѓа во криза на снабдување, туку во ценовна криза, нагласувајќи ја потребата од забрзано развивање на домашни извори на енергија и електроенергетската инфраструктура.

РЕКЛАМА

Анализата на S&P Global посочува дека зголемените капацитети за соларна и ветерна енергија, развојот на батериско складирање, подобрената состојба на француските нуклеарни централи, како и намалената индустриска побарувачка, придонеле Европа да има стабилно снабдување со електрична енергија.

Се проценува дека производството од обновливи извори годинава ќе биде за околу 462 терават-часови поголемо во однос на 2021 година, додека побарувачката сè уште не се вратила на нивото пред кризата.

Силен раст на обновливите извори, но со нови предизвици

Во последните четири години, соларниот капацитет во ЕУ е удвоен и надминува 400 гигавати, при што во летниот период производството од соларни централи веќе ја надминува онаа од гасните електрани.

Сепак, според S&P Global, растот на соларната енергија почнува да се соочува со ограничувања, особено поради недоволниот капацитет за складирање, што може да доведе до ограничување на производството во одредени пазари.

Батериското складирање бележи раст, но и понатаму заостанува зад експанзијата на обновливите извори. Во моментов во Европа има околу 60 гигавати батериски капацитет (големи и мали системи), со прогноза за дополнително зголемување во наредните години.

Ветерната енергија исто така бележи напредок, со над 300 гигавати инсталиран капацитет, а се очекува да стане најголем извор на електрична енергија во Европа веќе следната година. Во 2025 година обновливите извори учествувале со околу 47% од вкупното производство на струја.

Нуклеарната енергија повторно клучен фактор

Иако вкупниот нуклеарен капацитет е благо намален во однос на 2022 година, анализата укажува дека достапноста на нуклеарните централи, особено во Франција, значително е подобрена.

Минатата година нуклеарното производство во Франција надминало 400 терават-часови, што претставува значително зголемување во однос на кризата во 2022 година. Нуклеарната енергија се очекува да остане најголем поединечен извор на струја во Европа и во 2026 година.

Јагленот останува дел од енергетската равенка

И покрај затворањето на значителен број јагленски електрани, S&P Global предупредува дека пазарните услови – повисоки цени на гасот и пониски цени на јаглеродните кредити – може привремено да го зголемат користењето на јаглен.

Во исто време, новите гасни електрани обезбедуваат поголема флексибилност, а дел од земјите размислуваат и за задржување резервни јагленски капацитети како безбедносна мерка.

Слаба побарувачка и неизвесно закрепнување

Анализата укажува дека намалената потрошувачка, особено во енергетски интензивните индустрии, одиграла клучна улога во стабилизирањето на пазарот по 2022 година. Дел од ова намалување се смета за трајно.

Во 2025 година побарувачката за електрична енергија била околу 5% под нивото од 2021 година, а целосно закрепнување се очекува дури во 2027 година. За 2026 година се прогнозира умерен раст од 1,5%.

S&P Global предупредува дека евентуалните нови ценовни шокови би можеле дополнително да го забават закрепнувањето на индустријата, особено ако не бидат преземени соодветни мерки од страна на владите за ублажување на трошоците за енергија.

Извор: SPglobal.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил