Сончевата енергија за првпат ја надмина потрошувачката на електрична енергија во Бугарија

Софија. 27 јуни 2025 – За првпат во историјата, производството на електрична енергија од сонце ја надмина потрошувачката во електроенергетскиот систем на Бугарија, и тоа за два часа на 20 јуни оваа година. Податоците се добиени од Бугарскиот електроенергетски системски оператор (ЕСО) и Европската мрежа на оператори на преносни системи (ENTSO-E).

Според официјалните часовни податоци, во периодот од 10:00 до 11:00 часот, фотоволтаичните електрани произведувале просечно 2935 мегавати електрична енергија, додека потрошувачката изнесувала 2917 мегавати. Еден час подоцна, од 11:00 до 12:00 часот, производството достигнало дури 3230 мегавати, што е за 313 мегавати повеќе од потрошувачката.

Ова е пресвртна точка за бугарскиот енергетски сектор, бидејќи покажува реална трансформација кон обновливи извори. Во наведениот период, просечното производство на струја достигнало 6567 и 6736 мегавати, при што над 3000 мегавати биле извезени.

Реклама

Сепак, поради пазарната структура и долгогодишните договори со снабдувачите како Националната електрична компанија (НЕК), ТЕЦ-овите и нуклеарната централа „Козлодуј“, фотоволтаично производство не останало целосно за домашна потрошувачка.

„Ова е значаен момент и голем успех за бугарската енергетика. Нашата позиција како водечка земја во фотоволтаичното производство придонесува не само за исполнување на обврските за декарбонизација, туку и за подобрување на инвестициониот климат“, изјави за БТА Меглена Русенова, претседателка на Бугарската фотоволтаична асоцијација.

Таа додаде дека секторот на сончевата енергија е еден од најбрзо растечките приватни инвестициски сектори во Бугарија, со над 2 милијарди евра вложени во последните две години само во производствени капацитети, без да се вклучат инвестициите во складирање или енергетска инфраструктура.

Русенова истакна дека сончевата енергија директно придонесува за намалување на трошоците за потрошувачите и дека токму фотоволтаиците се главниот фактор за пониските цени на електричната енергија на Бугарската независна енергетска берза.

Интересно е што овој историски настан се случил токму ден пред Меѓународниот ден на сончевата енергија – 21 јуни.

Според податоците на ЕСО, во последните три години се приклучени нови 3500 мегавати фотоволтаични капацитети, со што вкупната инсталирана моќност достигна 4700 мегавати. Дополнително, заклучно со мај 2025 година, поднесени се барања за приклучување на нови фотоволтаични електрани со инсталирана моќност од речиси 1300 мегавати.

Овој пресврт ја покажува сериозната насоченост на Бугарија кон зелена енергија и нејзината зголемена улога во европската енергетска транзиција.

Извор: БТА

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement