Соларниот бум во Шпанија влезе во криза: вишок струја, пад на цени и распродажба на електрани

Шпанскиот соларен сектор се соочува со сериозно преструктуирање откако наглиот пад на цените на електричната енергија ја намали профитабилноста и ја урна вредноста на многу соларни проекти во земјата. Прекумерното производство, поттикнато од обилното сонце и владините политики за обновливи извори, ја надмина побарувачката и доведе до, како што велат инвеститорите, „сезона на попусти“ за соларните централи.

Според податоци од пазарот, вредноста на оперативните соларни електрани во Шпанија во изминатата година значително опаднала. Просечната цена по мегават се намалила од околу 916.000 евра на почетокот на 2024 година на приближно 648.000 евра, што инвеститорите го опишуваат како „сезона на попусти“. Дел од сопствениците на послаби проекти активно бараат излез од пазарот, додека купувачите стануваат сè повнимателни и селективни.

Особено тешка е ситуацијата кај т.н. проекти „подготвени за градба“, за кои се обезбедени земјиште, дозволи и приклучок на мрежата, но изградбата не е започната. Пазарот е, како што велат извршни директори од секторот, „преплавен“ со вакви проекти, а некои од нив се нудат за симболични 1 евро. Причината е обидот на инвеститорите да избегнат дополнителни трошоци и можни државни санкции поради нереализираните планови.

РЕКЛАМА

Иако ниските цени на струјата се позитивни за домаќинствата и индустријата и веќе привлекуваат нови инвестиции, состојбата е драматична за производителите. Годинава, цените на електричната енергија во Шпанија биле негативни повеќе од 500 часа, што ги принудува компаниите или да плаќаат за преземање на вишокот струја или привремено да ги исклучуваат електраните. Долгорочните договори за продажба на електрична енергија (PPA), кои досега беа клучен механизам за заштита од ценовни флуктуации, исто така се под притисок, бидејќи купувачите бараат пониски цени и поголема флексибилност.

Како можно решение се наметнува интеграцијата на батериски системи за складирање. Со нив, производителите можат да ја складираат енергијата кога цените се најниски и да ја пласираат кога побарувачката расте. Сепак, Шпанија заостанува зад другиттњ европски земји како Велика Британија, Германија и Италија во развојот на вакви капацитети.

По националниот прекин на електричната енергија во април, шпанската влада во ноември ги олесни регулаторните процедури за додавање батерии во постојните соларни централи, со што времето за реализација на вакви проекти може да се скрати од неколку години на помалку од 18 месеци. Аналитичарите оценуваат дека без забрзано инвестирање во складирање и подобро управување со мрежата, соларниот бум во Шпанија ризикува да се претвори во долгорочна криза за секторот.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба