Белград. 4 декември 2025 – Во текот на вчерашниот ден Собранието на Србија усвои три нови закони кои го уредуваат секторот на нафта, гас и обврзните резерви на енергенти, со цел зголемување на безбедноста, квалитетот и сигурноста на снабдувањето на домашниот пазар.
Законот за нафта ги дефинира правилата за организирање и функционирање на пазарот на нафта, деривати и други моторни и енергетски горива. Вклучува обврски за учесниците на пазарот, заштита и користење на енергетските објекти, формирање и користење на оперативни резерви, како и надзор над спроведувањето на законот. Согласно истиот, Владата може да одобри промена на границите на квалитетот на дериватите до шест месеци во случај на нарушување на снабдувањето. Енергетските компании кои произведуваат електрична и топлинска енергија се должни да обезбедат резерви на нафтени деривати и јаглен за минимум 21 ден просечно производство во зимските месеци, кои треба да се складираат на депонии под нивна контрола.
Законот за гас го уредува безбедното и сигурно снабдување на потрошувачите со природен гас, функционирањето на гасниот пазар и улогата на Агенцијата за енергетика. Законот дозволува интеграција на водород во гасниот систем каде што тоа е технички и безбедно возможно. Меѓу останатото, законот поставува и рокови за преземање на мерните уреди и регулациони станици од страна на операторите на дистрибутивниот систем, со обврска да информираат купци и производители.
Законот за задолжителни резерви на нафта, деривати и природен гас го регулира формирањето, финансирањето, одржувањето и пуштањето на резервите на пазарот. Министерството за рударство и енергетика, преку Управата за резерви, е надлежно за спроведување на законските активности. Задожителните резерви на нафта и деривати мора да се формираат за период од 90 дена просечен дневен увоз или 61 ден просечна дневна потрошувачка, во зависност која вредност е поголема.
Според Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, министерката за рударство и енергетика, секторот на нафта има клучна улога во енергетската безбедност на Србија.
„Без оглед на глобалните кризи и геополитичките тензии, наш приоритет е да обезбедиме доволно енергенти за домашниот пазар и да создадеме услови за поефикасно функционирање на енергетскиот систем“, изјави министерката. Таа додаде дека новите закони ќе ги дефинираат улогите и обврските на сите учесници во секторот, со цел секој да го исполни својот дел од работата и да придонесе кон одржување на енергетската сигурност во координација со Владата и Министерството.
Извор: Novosti.rs
