Љубљана. 10 јуни 2025 – Според податоците од Министерството за животна средина, клима и енергија, словенечкиот енергетски систем минатата година обезбедил вкупно 12,329 TWh електрична енергија од домашните производни капацитети, што претставува 97% од крајната потрошувачка на земјата која минатата година изнесувала 12,693 TWh.
Вкупниот прием на електрична енергија во Словенија во 2024 година изнесувал 25.070 GWh, а од оваа количина, 15.101 GWh (60%) биле обезбедени од домашни електрани, додека 9.969 GWh биле преземени од електроенергетските системи на соседните земји.
Најголем производител и понатаму останува Нуклеарната електрана Кршко (НЕК), која лани произвела 5.544 GWh, што претставува зголемување од 4% во однос на 2023 година. Ист процент на пораст бележат и хидроелектраните на реките Сава, Драва и Соча, кои внеле 5.026 GWh во преносната мрежа. Термоелектраните, пак, забележале зголемување од 14% и придонеле со 3.246 GWh.
Истовремено, се зголемил и уделот на помалите производители на електрична енергија. Електраните приклучени на преносниот систем лани испорачале 13.817 GWh, што е 55% од вкупната преземена електрична енергија. Сепак, забележливо е и зголемување на производството од електрани поврзани на дистрибутивната мрежа, кои обезбедија 1.284 GWh – 4% повеќе од претходната година и околу 5% од вкупната енергија.
Меѓу дистрибутивните извори, најголем удел имаат сончевите електрани со 37%, следени од малите хидроелектрани (31%), когенеративните постројки (17%) и биогасните електрани (8%). Електраните што користат дрвна биомаса и батериските системи за складирање придонеле со по 3%, додека ветерните електрани остануваат со симболичен удел.
Овие податоци укажуваат на стабилен енергетски систем со силен фокус на зголемување на домашното производство и користење обновливи извори на енергија.
Извор: Nas-stik.si