Словенија во наредните години значително ќе го зголеми производството на електрична енергија од сонце, откако Владата вклучи три големи проекти за соларни електрани во Развојната програмска рамка за периодот 2026–2029. Првите количини електрична енергија од новите капацитети се очекува да бидат испорачани во електроенергетската мрежа кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година.
Проектите опфаќаат соларни електрани кај Златоличје–Формин, Каналски врв и на затворената депонија Побрeжје. Вкупната вредност на инвестициите надминува 45 милиони евра, при што нешто повеќе од 18 милиони евра ќе бидат обезбедени од Европскиот фонд за модернизација.
Проектот „Златоличје–Формин“ предвидува проширување на постојниот капацитет од 2,5 MW на вкупно 21,92 MW, со просечно годишно производство од над 24.000 MWh. Во подрачјето на хидроелектраните на реката Драва ќе бидат поставени 37.160 соларни модули.
Инвестицијата изнесува 21,7 милиони евра, од кои над 13 милиони ќе ги обезбеди инвеститорот, а остатокот ќе биде покриен со грантови. Завршувањето на проектот е планирано за февруари 2028, а почетокот на комерцијалната работа во март истата година.
Проектот „Каналски врв“, што го реализираат Сошките електрани Нова Горица, има за цел подобро искористување на обновливите извори и поголема флексибилност во работењето, во комбинација со реверзибилната хидроелектрана Авче и хидроелектраните на реката Соча.
Постојната соларна електрана со инсталирана моќност од 2,9 MW ќе се прошири на 7,3 MW, со очекувано годишно производство од над 8.000 MWh. Проценетата вредност на проектот е околу 14 милиони евра, од кои повеќе од 5,9 милиони евра ќе бидат кофинансирани од Фондот за модернизација. Финансиското затворање се очекува до крајот на 2027 година, додека документацијата за јавен тендер е во подготовка.
Третиот проект предвидува изградба на соларна електрана на западниот и централниот дел од затворената депонија за неопасен отпад Побрeжје во Марибор. Електраната ќе има номинална моќност до 10 MW и директно ќе ја испорачува електричната енергија во електроенергетската мрежа.
Вредноста на инвестицијата изнесува 9,6 милиони евра, од кои речиси 4 милиони евра ќе бидат обезбедени од европски фондови. Проектот се очекува да биде завршен до крајот на 2027 година.
Извор: Nas-stik.si
