Владата на Словенија во вторникот прогласи пониско ниво на ризик во снабдувањето со енергија и најави засилено следење на состојбата на енергетските пазари. Од Министерството за животна средина, клима и енергија соопштија дека во моментов не се очекуваат директни нарушувања во снабдувањето со гас во земјата.
Со владината одлука, министерот за животна средина, клима и енергија, Бојан Кумро, се задолжува да формира кризна група која ќе ја следи состојбата на енергетските пазари. Во групата ќе учествуваат претставници од министерството, енергетските компании и регулаторното тело. Нивна задача ќе биде континуирано следење на состојбата и навремено информирање на владата за потенцијалните ризици и можни мерки.
Од министерството појаснуваат дека станува збор за превентивна мерка, во согласност со Законот за енергетика и европските прописи за сигурност на енергетското снабдување. Мерката подразбира засилено следење на состојбата и подготовка за евентуални нарушувања, но не значи прогласување кризна состојба.
Причина за одлуката се зголемените ризици на европските енергетски пазари поради војната на Блискиот Исток, што најмногу се одразува врз цените на гасот. Според Министерството, во последните денови берзанските цени на гасот во Европа се зголемиле за околу 25 до 48%, додека складиштата за гас во Европската унија во моментов се исполнети меѓу 20 и 30%.
За да се обезбеди сигурно снабдување во зимата 2026/2027 година, потребно е складиштата да бидат наполнети до 90% до крајот на октомври, додаваат од министерството.
Поради затегнатата состојба на меѓународните енергетски пазари, словенечката влада донесе и одлука за намалување на акцизите за нафтените деривати со цел да го ограничи растот на малопродажните цени на горивата. Од средата, литар безоловен бензин во Словенија чини 1,466 евра, дизелот 1,528 евра, а цената на екстра лесното масло за домаќинство изнесува 1,159 евра.
Извор: Nas-stik.si
