Скопје. 16 март 2026 – Две скопски општини најавија нови активности насочени кон користење на обновливи извори на енергија, преку инвестиции во сончеви системи и поддршка за граѓаните.
Во Општина Ѓорче Петров денеска беше потпишан договор за јавно-приватно партнерство за поставување кровна фотоволтаична централа со вкупен капацитет од 2,1 мегавати. Системите ќе бидат поставени на крововите на основните училишта на територијата на општината.
Со реализацијата на проектот, Ѓорче Петров ќе ја добие најголемата кровна фотоволтаична централа поставена на јавни објекти во државата. Проектот ќе се реализира без финансиски трошоци за општинскиот буџет, а според проценките, општината ќе остварува најмалку шест милиони денари годишен приход. Средствата ќе се насочуваат кон нови инвестиции во инфраструктура, образованието и други проекти од јавен интерес. Од општината посочуваат дека проектот ќе придонесе и за намалување на трошоците за електрична енергија, зголемување на енергетската ефикасност и подобра заштита на животната средина.
Во меѓувреме, Општина Гази Баба објави јавен повик за субвенции за поставување сончеви термални колектори во домаќинствата. Како што информира градоначалникот Бобан Стефковски, општината ќе покрива 50% од трошоците за набавка и инсталација, но најмногу до 15.000 денари по домаќинство.
Право на субвенции имаат жителите на општината кои ќе купат и инсталираат сончеви термални колектори во текот на 2026 година. Јавниот повик ќе биде отворен до 30 ноември 2026 година или до исцрпување на предвидените средства, а барањата се поднесуваат во архивата на општината.
Со овие мерки, двете скопски општини најавуваат поинтензивно користење на сончевата енергија и намалување на трошоците за енергија, како за јавните институции, така и за домаќинствата.
Енергетика 24
