Скопје. 03 април 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Царинската управа ставија потпис на Меморандум за соработка, со кој се зацврстува меѓуинституционалната координација и се воспоставува поефикасен систем за следење на увозот и извозот на енергетски и минерални ресурси. Документот, потпишан од министерката Сања Божиновска и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, предвидува редовна размена на податоци и засилена контрола врз движењето на минерални суровини, нафтени деривати, биомаса и други енергенси.
Целта на овој договор е јасна: поголема транспарентност, ефикасност и усогласеност со законските регулативи. Преку размена на информации на секои три месеци, како и ад-хок комуникација по потреба, двете институции ќе работат заедно за да ги следат извозно-увозните постапки и да ги спречат потенцијалните неправилности.
„Овој Меморандум е чекор напред во зајакнувањето на институционалниот капацитет за надзор во енергетиката и рударството. Транспарентноста во овие процеси е од суштинско значење за економската стабилност и правната сигурност, а соработката со Царинската управа ни овозможува да бидеме поефикасни и покоординирани“, изјави министерката Божиновска.
Новиот механизам за мониторинг ќе донесе построги контроли врз концесионерите и субјектите во енергетскиот сектор, со фокус на спречување на нелегални активности. Преку постојан систем на известување, двете институции ќе обезбедат доследно почитување на законите, а со тоа и поголема заштита на општествените интереси.
„Размената на податоци и зајакнатата соработка се клучни во борбата против криминалот, заштитата на граѓаните и зголемувањето на буџетските приходи. Овој сеопфатен пристап ќе спречи секаков обид за злоупотреба при увозот и извозот на енергетски и минерални ресурси“, нагласи директорот Николовски.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини