Будимпешта/Белград – Постојат реални шанси унгарската нафтена компанија MOL во рок од еден до три дена да постигне клучен договор со руската Гаспром њеф за купување на мнозинскиот удел во Нафтната индустрија на Србија (НИС). Ова го изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во интервју за Радио-телевизија Србија (РТС).
„Можам да соопштам добри вести. Преговорите меѓу MOL и Гаспром њефт напредуваат брзо и постои реална можност договорот да биде постигнат во наредните неколку дена. Тоа е исклучително значајно од аспект на купувањето на мнозинскиот удел во НИС“, истакна Сијарто, по средбата со српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Според него, веднаш по евентуалното постигнување договор, ќе биде поднесено барање до Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД, која има клучна улога поради санкциите кон руските компании. Сијарто нагласи дека унгарската влада ќе му обезбеди целосна дипломатска поддршка на MOL за успешно спроведување на оваа постапка.
Како главна причина за поддршката, шефот на унгарската дипломатија ја наведе можноста за интеграција на енергетските пазари на Србија, Унгарија и Словачка преку MOL. „Во таков случај, регионот би функционирал како единствен пазар, што би донело поголема енергетска стабилност и ефикасност“, рече Сијарто, додавајќи дека компанијата води разговори и со други регионални партнери, меѓу кои и хрватскиот ЈАНАФ.
Темата за преземањето на НИС доминираше и во унгарските медиуми, каде како главна вест беше истакната средбата меѓу Сијарто и Ѓедовиќ Хандановиќ. Повеќето медиуми оценуваат дека веројатноста MOL да го преземе мнозинскиот удел во НИС е голема, иако забележуваат дека анализите од унгарска страна се релативно ретки, а фокусот најчесто е на изјави на српски функционери, вклучувајќи го и претседателот Александар Вучиќ.
Порталот 444.hu предупредува дека сè уште се непознати многу клучни детали од преговорите, како што се конечната цена на трансакцијата, даночните услови, но и ставот на Европската унија во однос на можниот доминантен пазарен удел на MOL во регионот. Отворено останува и прашањето дали САД ќе ја одобрат трансакцијата, односно дали MOL ќе биде третиран како автономен купувач или како индиректен инструмент за заобиколување на санкциите кон Русија.
Од друга страна, економските медиуми, како порталот Portfolio, укажуваат на значајната синергија меѓу MOL и НИС, особено во делот на логистиката и набавката на нафта. Се истакнува и дека Гаспром њефт во изминатите 15 години сериозно инвестирал во модернизација на српската компанија, што ја прави НИС атрактивна аквизиција.
Во меѓувреме, берзанските реакции се позитивни, според порталот Economx, акциите на MOL бележат раст од над 18% од почетокот на годината, токму поради очекувањата за преземањето на НИС. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека клучен фактор ќе биде договорената цена, како и начинот на пренос на средствата кон руската страна, со оглед на важечките меѓународни санкции.
Енергетика 24
