Светската продажба на електрични возила руши рекорди. Кина е доминантен пазар, додека земјите во развој стануваат нови пазари на раст
Париз. 14 Мај 2025 – Светската продажба на електрични автомобили продолжува со забрзан раст, а според најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергија (IEA), во 2025 година ќе се продадат над 20 милиони електрични возила, што претставува повеќе од една четвртина од сите нови автомобили продадени во светот.
IEA во својот годишен извештај Global EV Outlook посочува дека електричните возила се на пат да надминат 40% од глобалниот пазар до 2030 година, и покрај економските неизвесности и промените во индустриските политики. Во првиот квартал од 2025 година, продажбата на електрични возила пораснала за 35% споредбено со истиот период минатата година.
Кина и понатаму е водечки пазар за електрични возила, со речиси половина од сите продадени автомобили во 2024 година што биле електрични. Минатата година таму се продале над 11 милиони електрични возила, што е речиси еднакво на глобалната продажба во 2022 година. Силен раст е забележан и во земјите во развој во Азија и Латинска Америка, каде продажбата скокнала за повеќе од 60%.
Во САД, продажбата се зголемила за 10% на годишно ниво, достигнувајќи над 10% удел од пазарот. Во Европа, иако продажбата е стабилизирана поради намалени субвенции и политики, електричните возила и понатаму сочинуваат околу една петтина од новите регистрации.
Извештајот покажува дека глобалната просечна цена на батериски електрични возила се намалила во 2024 година, благодарение на засилената конкуренција и пониските трошоци за батерии. Во Кина, дури две третини од продадените електрични автомобили биле поевтини од традиционалните модели, дури и без субвенции. Сепак, во Европа и САД EV моделите и понатаму се поскапи за 20% односно 30% во споредба со конвенционалните возила.
Сепак, оперативните трошоци остануваат поволни. Според анализата, дури и ако цената на нафтата падне на 40 долари за барел, трошоците за полнење електричен автомобил дома во Европа би останале двојно пониски од трошоците за гориво кај традиционалните возила.
Кина, која произведува над 70% од сите електрични возила во светот, во 2024 година извезла речиси 1,25 милиони електрични автомобили, главно во земји во развој каде цените на овие возила значително се намалија.
Покрај автомобилите, расте и интересот за електрични камиони. Минатата година продажбата на вакви тешки возила се зголемила за 80% глобално, сочинувајќи околу 2% од вкупната продажба на камиони. Во Кина, некои електрични модели веќе се поконкурентни од дизелските, особено поради значително пониските трошоци за одржување и експлоатација.
IEA најавува и специјален извештај за иднината на глобалната автомобилска индустрија, кој треба да излезе летово. Извештајот ќе се фокусира на тоа како да се обезбеди конкурентност и отпорност на синџирите на снабдување во време на транзиција кон електрична мобилност.
„Податоците јасно покажуваат дека, и покрај неизвесностите, електричните автомобили остануваат на стабилен пат на раст. Се рушат нови рекорди, што има огромни последици за меѓународната авто-индустрија“, изјави извршниот директор на IEA, Фатих Бирол.
Извор: IEA