Софија/Белград. 23 октомври 2025 – Новиот пакет американски санкции против руските нафтени компании „Лукоил“ и „Росњефт“ предизвика сериозни реакции во Бугарија и Србија, земји каде што „Лукоил“ има значајно присуство во енергетскиот сектор.
Бугарскиот премиер Росен Жељазков изјави дека Софија има рок до 21 ноември да донесе одлука за иднината на рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“, единствената во земјата, поради воведените санкции од Вашингтон кон рускиот сопственик. Тој нагласи дека санкциите нема да го нарушат производството и снабдувањето со нафта, бидејќи рафинеријата веќе подолг период не користи руска суровина.
Американското Министерство за финансии соопшти дека мерките се воведени поради „недостиг на реална посветеност на Москва да ја прекине војната во Украина“. Санкциите ги опфаќаат сите компании во кои „Лукоил“ и „Росњефт“ поседуваат директна или индиректна сопственост над 50%.
Санкциите предизвикаа внимание и во Србија, каде што „Лукоил“ е втор најголем синџир бензински пумпи. Според енергетскиот аналитичар Жељко Марковиќ, санкциите индиректно ќе ја отежнат положбата и на Нафтната индустрија Србије (НИС), која е делумно во руска сопственост. „Не очекувам брзо укинување на мерките, а можно е и дополнително влошување на ситуацијата“, изјави тој.
Од „Лукоил Србија“ соопштија дека компанијата моментално работи нормално, без ограничувања во снабдувањето, транспортот или плаќањата. Сепак, експертите предупредуваат дека доколку српската филијала биде вклучена во санкцискиот список, може да дојде до прекин на платниот промет со американските финансиски институции, што би ги погодило трансакциите преку VISA и Mastercard.
И Софија и Белград внимателно ја следат ситуацијата, обидувајќи се да најдат рамнотежа меѓу економските интереси и геополитичките притисоци што произлегуваат од новите американски мерки.
Енергетика 24
