САД со 60% удел во европскиот увоз на ЛНГ во јануари

Соединетите Американски Држави учествувале со 60% во вкупниот увоз на течен природен гас (ЛНГ) на Европската унија во месец јануари, покажуваат податоци објавени во петокот, со што се потврдува нивната позиција како доминантен снабдувач на Европа.

Според аналитичката компанија „Кплер“, овој удел е зголемен во однос на декември и на јануари 2025 година, кога САД обезбедувале 53% од увозот на ЛНГ во ЕУ. Во јануари, Унијата увезла 5,36 милиони метрички тони ЛНГ од САД – втор највисок месечен обем досега, веднаш по октомври 2025 година.

Зголемената побарувачка за гас поради студеното време делумно придонела за растот, но од „Кплер“ очекуваат трендот на зголемени испораки од САД да продолжи и годинава, достигнувајќи околу 65% од вкупниот европски увоз, во споредба со околу 56% во 2025 година.

РЕКЛАМА

Европа ги зголеми набавките на американски гас со цел да ја намали зависноста од Русија по инвазијата на Украина во 2022 година, а минатата година беше постигнат и трговски договор вреден 750 милијарди долари за купување американска енергија.

Сепак, дел од европските влади изразуваат загриженост поради растечката зависност од САД, особено по најавите на претседателот Доналд Трамп за преземање на Гренланд и заканите со нови царини. Еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен изјави дека кризата околу Гренланд била „повик за будење“ за енергетската безбедност, предупредувајќи дека ЕУ ризикува „да замени една зависност со друга“.

Во јануари, околу 19% од ЛНГ испораките во ЕУ доаѓале од Русија. Унијата се согласи целосно да го забрани увозот на руски ЛНГ и гас преку гасоводи до крајот на 2027 година, при што првите фази од постепената забрана ќе стапат на сила во наредните месеци, со ограничување на краткорочните договори.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил