Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, најави нов пакет мерки за справување со растот на цените на горивата, признавајќи дека земјата ја очекува „тежок период“ во наредните недели поради ескалацијата на конфликтот со Иран и нестабилноста на глобалниот енергетски пазар.
Венс, заедно со министерот за енергетика Крис Рајт, во текот на денешниот ден ќе одржи состанок со American Petroleum Institute, најголемото здружение на нафтената индустрија во САД, како дел од напорите на администрацијата на Доналд Трамп за стабилизирање на пазарот.
Говорејќи пред медиумите во Мичиген, Венс изјави дека во следните 24 до 48 часа ќе бидат објавени конкретни чекори за намалување на цените, кои пораснале за околу 92 центи по галон на национално ниво во споредба со минатиот месец.
Администрацијата на САД веќе презеде неколку итни мерки, вклучително и ослободување на нафта од стратешките резерви, како и 60-дневно олеснување на правилата за бродски транспорт со цел да се забрзаат испораките на гориво до американските пристаништа. Истовремено, се разгледува и привремено укинување на федералните еколошки ограничувања за летните горивни смеси, што би можело дополнително да ги намали цените на пумпите.
„Пред нас е тежок пат во следните неколку недели, но ова е привремено“, изјави Венс, нагласувајќи дека мерките имаат за цел да го ублажат ударот врз потрошувачите.
Во меѓувреме, цените на нафтата дополнително пораснаа откако беше погодено иранското гасно поле Парс, прв директен напад врз енергетска инфраструктура во регионот. Пазарите остануваат под притисок и поради заканите за бродскиот сообраќај во Ормускиот теснец, клучна рута за глобалната трговија со нафта.
Иран најави одмазднички мерки во Персискиот Залив, што дополнително ги зголемува стравувањата од нов раст на цените за крајните потрошувачи.
Зголемените трошоци за гориво се сметаат и за политички ризик за администрацијата, бидејќи можат да влијаат врз поддршката за Републиканците пред претстојните избори за Конгресот во ноември.
Извор: Ројтерс
