Берлин. 29 октомври 2025 — Владата на САД официјално потврди дека германските подружници на руската нафтена компанија Роснефт нема да бидат опфатени со новите американски енергетски санкции, изјави германската министерка за економија Катерина Рајхе.
Според неа, Вашингтон во раните утрински часови на 28 октомври испратил т.н. „писмо на уверување“ (Letter of Comfort), со кое се признава дека операциите на Роснефт во Германија се целосно одвоени од матичната компанија во Русија.
„Писмото е во сила од три часот изутрина и отстранува секакви дилеми кај клиентите дали можат да бидат засегнати од американските санкции при деловна соработка со германските подружници на Роснефт,“ изјави Рајхе за Ројтерс.
Министерството за економија соопшти дека разговорите со американската влада продолжуваат со цел трајно да се спречат санкции врз германските актива на компанијата.
Берлин одамна бараше појаснување од Вашингтон, откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп воведе ограничувања за западни банки и компании што имаат врски со руски фирми под санкции.
Германските власти тврдат дека рафинериите на Роснефт во земјата се ставени под државен надзор од 2022 година и се „целосно одвоени“ од руското управување, а воедно се клучни за енергетската стабилност на Германија.
Меѓу најважните актива е рафинеријата ПЦК во Шведт, која обезбедува над 12% од германскиот капацитет за преработка на гориво и вработува голем број луѓе во покраината Бранденбург.
Покрај мнозинскиот удел од 54,17% во ПЦК Шведт, Роснефт Германија поседува и 24% во рафинеријата МиРо и 28,57% во Бајерноил.
Извор: Ројтерс
