САД го продолжија рокот за продажба на меѓународните активи на руската нафтена компанија Лукоил до 1 април годинава, пренесува агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на извори кои биле запознаени со процесот и имале увид во документите.
Одлуката ја донела Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК), продолжувајќи го претходниот рок што истекуваше на 28 февруари. Со тоа, потенцијалните купувачи добиваат дополнително време за преговори околу имотот на Лукоил вреден околу 22 милијарди долари.
Станува збор за четврто по ред одложување од моментот на воведувањето на санкциите против руските енергетски компании во октомври минатата година.
Според изворите на Ројтерс, процесот на продажба е подигнат на повисоко политичко ниво и е директно поврзан со пошироките преговори меѓу Вашингтон, Москва и Киев за ставање крај на војната во Украина. Дополнителна неизвесност внесоа изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој тврдеше дека руската страна на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ѝ предложила економски договор вреден 12 милијарди долари, кој наводно ја опфаќа и имотната маса на Лукoил.
Инаку, меѓународното портфолио на Лукoил вклучува нафтени полиња, рафинерии и бензински станици од Ирак до Финска. За имотот интерес дос сега имаат пројавено повеќе од десет понудувачи, меѓу кои американскиот енергетски гигант Exxon Mobil, инвестицискиот фонд Carlyle Group, како и заеднички проект на Chevron и фондот Quantum Capital Group.
Извор: Ројтерс
