САД: ЕУ може да се ослободи од рускиот гас за 12 месеци

Брисел. 12 септември 2025 – Европската унија може целосно да се ослободи од зависноста од рускиот гас во рок од една година, а можеби и за шест месеци, доколку го замени со увоз на американски течен природен гас (LNG). Ова го изјави американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт, во интервју за „Ројтерс“ по средбата со европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен, во Брисел.

Рајт нагласи дека Вашингтон е подготвен значително да ги зголеми испораките и оцени дека Унијата има капацитет побрзо да го прекине увозот на руски енергенси, иако актуелните европски планови предвидуваат постепено укинување до јануари 2028 година.

„Сметам дека ова може лесно да се направи во рок од 12 месеци, можеби дури и за шест. Јасно ставив до знаење дека САД можат да дејствуваат побрзо и дека тоа би било во интерес на Европа,“ изјави Рајт, додавајќи дека иако не е сигурен дали роковите ќе се скратат, токму тоа било тема на разговорите во Брисел.

РЕКЛАМА

Изјавите на Рајт доаѓаат во момент кога Вашингтон врши зголемен притисок врз европските партнери да го прекинат енергетскиот прилив кон Москва, кој сè уште е еден од главните извори на финансирање на руската воена машинерија во Украина.

Иако дел од земјите-членки, како Унгарија и Словачка, се противат на целосни санкции врз рускиот гас, повеќето држави бараат побрз прекин на зависноста. Токму поради тоа, Европската комисија предложи постепена забрана до 2028 година – компромис кој може да биде усвоен со засилено мнозинство, а не со едногласие, какво што е потребно за нови санкции.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, недоамна потврди дека Брисел разгледува побрзо напуштање на руските фосилни горива, но не откри конкретен механизам. Еврокомесарот Јоргенсен изјави дека сегашниот план за 2028 година е „амбициозен, но и балансиран“, бидејќи треба да се избегнат ценовни шокови и недостиг на енергија.

Рајт, пак, смета дека токму забрзаниот прекин на рускиот увоз ќе ја зголеми сигурноста на Европа и ќе го зголеми притисокот врз Кремљ. „Колку побрзо се откажеме, толку посилен ќе биде ударот врз Русија,“ истакна тој.

Европа веќе постигна значителен напредок во намалувањето на зависноста од руската енергија. Според податоците на ЕУ, оваа година само околу 13% од гасот во Унијата ќе доаѓа од Русија – пад од речиси 45% пред почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година.

Зголемените американски испораки на LNG, заедно со инвестициите во обновливи извори и интерконекторски гасоводи, ја менуваат енергетската карта на континентот. Сепак, останува прашањето дали политичката волја на сите 27 членки ќе биде доволна за драматично забрзување на процесот.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба