Вашингтон. 8 јули 2025 – Министерството за енергетика на САД (DOE) на 7 јули го објави својот Извештај за адекватност на енергетските ресурси, кој укажува на сериозна закана за стабилноста на националната електроенергетска мрежа. Документот е изработен во согласност со Извршната наредба 14262, издадена од претседателот Доналд Трамп во април годинава, и има за цел да ја зајакне безбедноста и сигурноста на американскиот електроенергетски систем.
Според извештајот, затворањето на електрани на јаглен и други традиционални извори, прекумерната зависност од обновливи, но нестабилни извори на енергија (како ветер и сонце), заедно со наглото зголемување на потрошувачката од дата-центрите поврзани со развојот на вештачка интелигенција, сериозно ја доведуваат во прашање способноста на системот да обезбеди сигурна и постојана електрична енергија.
КЛУЧНИ НАОДИ ОД ИЗВЕШТАЈОТ
- До 2030 година, ќе бидат потребни најмалку 100 гигавати дополнителен капацитет во часовите на најголема потрошувачка, од кои 50 гигавати ќе се должат на порастот на дата-центрите.
- Дата-центрите се градат за 18 месеци, но за изградба и приклучување на нови енергетски капацитети потребни се повеќе од пет години.
- Од планираните 210 GW нови извори, само 22 GW ќе бидат „цврста“, односно сигурна и постојано достапна енергија.
- Затворањето на сигурни енергетски капацитети се случува побрзо од изградбата на нови, што значи дека ќе се појавуваат недостатоци во периоди кога обновливите извори не можат да одговорат на побарувачката.
- Сите региони на САД се изложени на зголемен ризик од нестабилност и прекини, доколку не се преземат итни реформи.
ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГО ЗГОЛЕМУВА ПРИТИСОКОТ ВРЗ МРЕЖАТА
Експертите предупредуваат дека новата технолошка ера, особено развојот на вештачката интелигенција драматично ја менува динамиката на потрошувачката на струја. Потребата за сигурна, моментална и 24/7 достапна енергија станува суштинска за функционирањето на дата-центрите, што обновливите извори не можат да ја обезбедат самостојно.
На сослушување одржано во Конгресот на 25 март и за време на техничката конференција на FERC на 5 јуни, водечки претставници од енергетскиот сектор предупредија дека, доколку не се воведат длабоки системски реформи, неминовни се прекини во снабдувањето со струја.
ОДГОВОРОТ НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА НА ТРАМП
Во април 2025, претседателот Трамп издаде извршна наредба со која се наложува на Министерството за енертгетика да:
- Развие унифицирана методологија за проценка на резервации и капацитети на национално ниво;
- Објави анализи за ризиците по регион;
- Препознае и заштити клучни генерациски капацитети од затворање.
Во согласност со оваа наредба, во последните месеци се издадени повеќе итни наредби (т.н. 202(c) наредби) за одржување на активноста на клучни електрани:
- Во Мичиген, електраната J.H. Campbell продолжи со работа за да се спречат прекини за време на ниска продукција од ветерните извори.
- Во Порторико, електраните беа наредени да работат со полн капацитет за да се стабилизира мрежата.
- Во Пенсилванија, генераторите во Eddystone беа задржани во системот и покрај планираното повлекување, поради растечкиот ризик од преоптоварување.
- Во Северна Каролина, електрани под управа на Duke Energy добија дозвола да работат со максимум капацитет поради екстремни временски услови.
Извештајот на Министерството за енергетика е сериозно предупредување за иднината на енергетската сигурност во САД. Без итни и стратешки вложувања во сигурни извори на енергија – како што се јагленот, природниот гас и нуклеарната енергија – земјата се соочува со зголемена нестабилност, повисоки трошоци за живот и загрозена технолошка конкурентност. Администрацијата на Трамп презема чекори за да ги запре овие трендови, но според експертите, времето за реакција е ограничено, а потребата за акција е итна.
Извор: US Department of energy