Берлин, 28 јануари (Ројтерс) – Најголемиот германски производител на електрична енергија, RWE, очекува владите да дадат приоритет на долгорочната отпорност и безбедноста на снабдувањето со енергија, како директна последица на зголемените геополитички тензии, изјави извршниот директор на компанијата, Маркус Кребер.
„Секако дека влегуваме во нова ера на снабдување со енергија“, потенцираше Кребер на енергетскиот самит на „Ханделсблат“, одржан минатата недела, нагласувајќи дека економскиот фокус сè повеќе се насочува кон долгорочна стратегија за енергетско снабдување без создавање нови зависности.
Германија, најголемата европска економија, е меѓу западните земји што бараат нови сојузи, откако традиционално доверливите односи, особено со Соединетите Американски Држави, беа нарушени поради трговските тензии поттикнати од политиките на американскиот претседател Доналд Трамп.
Истовремено, земјата се соочува со едни од највисоките цени на енергијата во светот, што ја оптоварува индустријата и го забавува економскиот раст, откако Берлин ги прекина енергетските врски со поранешниот главен снабдувач Русија. Поради недостаток на значајни сопствени резерви на фосилни горива, Германија настојува да го диверзифицира снабдувањето, што дополнително ги зголемува цените.
Кребер исто така ги намали очекувањата за нови откупи на сопствени акции, на кои инсистира активистичкиот инвеститор „Елиот“, наведувајќи дека RWE има „исклучителни“ инвестициски можности, во нови електрани во Германија, офшор ветерни проекти во Велика Британија, како и соларна енергија и батерии во САД.
Компанијата кон крајот на 2024 година најави програма за откуп на акции во вредност од 1,5 милијарди евра, која трае до мај 2026 година. Од нејзиното објавување, акциите на RWE пораснаа за речиси 50%, на повеќе од 50 евра.
„Секогаш сме велеле дека одлуката за откуп зависи од цената на акцијата и од инвестициските можности“, изјави Кребер, додавајќи дека „откуп по цена од 28 евра е сосема поинаква одлука од откуп по 52 евра“.
Извор: Ројтерс
