Извозот на руски природен гас во Европа преку гасоводи во 2025 година се намалил за 44% и паднал на најниско ниво од средината на 1970-тите, покажуваат пресметките на агенцијата Ројтерс. Причина за падот се затворањето на транзитната рута преку Украина и политиката на Европската унија за постепено укинување на увозот на руски фосилни горива.
ЕУ најави дека целосно ќе престане со увоз на руски гас до крајот на 2027 година, со цел да ја намали зависноста од руската енергија и да го ограничи финансирањето на воените активности на Москва во Украина.
Според податоците, испораките на „Гаспром“ кон Европа годинава изнесувале само околу 18 милијарди кубни метри гас, и тоа исклучиво преку подморскиот гасовод „Турски тек“, кој остана единствена активна транзитна рута по истекот на договорот со Украина на 1 јануари.
Ова е најниско ниво на извоз од почетокот на 1970-тите. За споредба, Советскиот Сојуз во 1975 година извезувал 19,3 милијарди кубни метри гас во Европа, додека во 2018–2019 извозот достигнуваше над 175 милијарди кубни метри годишно, носејќи десетици милијарди долари приходи за Русија и „Газспром“.
Гасоводот „Турски тек“ снабдува неколку европски земји, меѓу кои Србија, Унгарија и Словачка, како и Турција. Русија и понатаму извезува гас во Европа и во течна форма (ЛНГ), при што ЕУ ја рангира како втор најголем снабдувач, по САД.
И покрај генералниот пад, испораките преку „Турски тек“ во декември пораснале за 12,9% на годишно ниво, на околу 56 милиони кубни метри дневно, и за 3% во однос на ноември. Вкупно, извозот преку оваа рута годинава е зголемен за околу 7% во споредба со 2024 година.
Извор: Ројтерс
