Русија и Кина потпишаа договор за изградба на гасоводот „Сила на Сибир 2“

Пекинг. 2 септември 2025 – Русија и Кина постигнаа договор за изградба на новиот гасовод „Сила на Сибир 2“, кој преку Монголија ќе транспортира 50 милијарди кубни метри гас годишно. Меморандумот за изградба го потпишаа во Пекинг шефот на „Гаспром“ Алексеј Милер и претставници на двете земји, по разговорите на претседателите Владимир Путин и Си Џинпинг, во кои учествуваше и монголскиот лидер Ухнаагиин Хурелсух.

Договорот предвидува испораките да траат 30 години, а истовремено Москва и Пекинг се договорија да го зголемат извозот на гас преку постојните линии – од 48 на 56 милијарди кубни метри годишно.

Проектот се разгледуваше повеќе од една деценија, но беше блокиран поради несогласувањата во однос на цените. Иако потпишаниот документ е „правно обврзувачки меморандум“, конечните комерцијални услови сè уште не се објавени.

РЕКЛАМА

Со новите договори Кина дополнително ќе ја зголеми набавката на руска енергија, а Москва ќе ги компензира загубите на европскиот пазар по санкциите воведени по инвазијата врз Украина во 2022 година.

„Силата на Сибир 2“ се очекува да биде најголемиот и најскапиот гасовод во светот. Милер изјави дека цените за Кина ќе бидат пониски од оние што порано ги плаќаше Европа, поради долгите растојанија и сложената изградба.

Аналитичарите оценуваат дека проектот ја потврдува сè поголемата енергетска зависност на Русија од кинескиот пазар, во услови кога Европа постепено го намалува увозот на руски енергенси.

Извор: Financial Times / Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба