Москва. 1 декември 2025 — Најголемиот руски производител на нафта „Роснефт“ соопшти дека нето-добивката за периодот јануари–септември се намалила за 70% на 277 милијарди рубљи (3,57 милијарди долари). Компанијата го припишува падот на високите каматни стапки, пониските цени на нафтата и зајакнатата рубља.
Од „Роснефт“ посочуваат дека дополнителен притисок врз перформансите дошол и од зголемените трошоци за „антитерористичка безбедност“, без да се наведат детали. Од август, Украина ги интензивираше ударите со дронови врз руската енергетска инфраструктура.
Приходите на компанијата во првите девет месеци паднале за 17,8% на 6,29 трилиони рубљи (81 милијарда долари). ЕБИТДА изнесувала 1,6 трилиони рубљи (20,6 милијарди долари), што е намалување од 29,3%.
„Високата основна каматна стапка на Руската банка и понатаму има значително негативно влијание врз профитабилноста. Дополнително, немонетарни и еднократни фактори ја влошија динамиката на резултатите во извештајниот период“, наведуваат од компанијата.
Извор: Ројтерс
