Романија: Пет мерки за стабилизација на цените на струјата

Букурешт. 4 септември 2025 – Владата на Романија претстави пакет од пет мерки со цел постепено намалување на цените на електричната енергија и стабилизирање на енергетскиот пазар. Министрот за енергетика, Богдан Иван, истакна дека само 51% од сметките за струја ја отсликуваат реалната цена на електричната енергија, додека остатокот се однесува на мрежни тарифи, даноци и акцизи.

Првата мерка предвидува воспоставување механизам „Market Maker“ за зголемување на ликвидноста на пазарот и поттикнување долгорочни договори. Втората се однесува на задолжителни гаранции за сите учесници на пазарот, со цел поголема транспарентност и намалување на ризиците. Третата мерка предвидува воведување динамички и диференцирани тарифи за потрошувачите кои користат струја во периоди со најниска цена.

Како четврто решение, се воведува единствен механизам за набавка на електрична енергија за потребите на дистрибутерите, со што се очекува намалување на дистрибутивните трошоци. Петтата мерка опфаќа обединување и централизирана координација на сите програми за енергетска ефикасност под надлежност на Министерството за енергетика.

РЕКЛАМА

Иван потсети дека Романија е меѓу европските земји со највисоки цени на електрична енергија во однос на куповната моќ. Како клучни причини ги наведе геополитичките предизвици, слабата поврзаност со централноевропските енергетски коридори, гаснењето на 7.000 мегавати капацитети на гас и јаглен во последната деценија, при само 1.800 мегавати нови инвестиции, како и бавното темпо на модернизација на инфраструктурата.

Министерот нагласи дека Романија покренала разговори со Европската унија за одложување на затворањето на термоелектраните на јаглен, планирано за 2026 година, до 2030 година. Со тоа би се задржал дел од производствениот капацитет и би се ублажил притисокот врз цените, додека не се реализираат новите стратешки проекти.

Извор: Romania-insider.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба