Лондон. 4 декември 2025– Унгарската енергетска компанија МОL изразила интерес пред американските власти за купување дел од меѓународните активи на санкционираниот руски нафтен гигант Лукоил, пренесува Ројтерс повикувајќи се на три извори запознаени со разговорите.
САД во октомври воведоа санкции против најголемиот приватен производител на нафта во Русија, што го натера Лукоил да објави продажба на своите странски бизниси. Според изворите, компанијата моментално преговара со Exxon Mobil, Chevron и инвеститори од Блискиот Исток пред рокот од 13 декември што го постави Вашингтон, откако американските власти ја одбија швајцарската Gunvor како потенцијален купувач.
Меѓународното портфолио на Лукоил, со седиште во Виена, опфаќа рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, како и широка мрежа на бензински станици ширум светот. Еден од изворите наведува дека МОL е заинтересирана за европските рафинерии и малопродажната мрежа, како и за удели во производствени полиња во Казахстан и Азербејџан.
Американското Министерство за финансии одби да коментира за наводите, а од МОL и Белата куќа не пристигнал одговор на барањата за реакција.
Според еден од изворите, унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претставил плановите на МОL за време на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во ноември. Посетата резултирала со едногодишна дозвола Унгарија да продолжи да користи руска нафта и гас и покрај санкциите.
Унгарија е силно зависна од руската енергија, а Орбан кој е 15 години на власт, настојува да одржува стабилни односи и со Москва и со Вашингтон. МОL веќе подолго време се обидува да ја преземе и српската рафинерија НИС, кој исто така е под американски санкции.
Извор: Ројтерс
