Брисел. 28 јули 2025 – Катар се заканил дека ќе ги прекине или пренасочи испораките на течен природен гас (LNG) кон други пазари доколку Европската унија не направи измени во новиот закон за корпоративна одговорност и одржливост, објави Ројтерс, повикувајќи се на писмо испратено до белгиската влада.
Според документот, испратен од катарскиот министер за енергетика Саад ал-Кааби на 21 мај, Доха остро реагира на директивата на ЕУ за корпоративна проверка на одржливост (CSDDD), која ги обврзува големите компании да идентификуваат и решаваат прекршувања на човекови права и штети врз животната средина во своите синџири на снабдување.
„Доколку не се направат дополнителни измени во CSDDD, Катар и QatarEnergy ќе бидат принудени сериозно да разгледаат пренасочување на испораките на LNG и други производи кон пазари со постабилно и поповолно деловно опкружување“, се вели во писмото, до кое дошол Ројтерс.
Од Ројтерс дознаваат и дека Европската комисија добила слично писмо од Катар на 13 мај. Портпаролот на Комисијата изјавил дека законодавците и земјите-членки сè уште преговараат за измените на CSDDD, а Комисијата предложила одложување на примената до средината на 2028 година и намалување на обемот на проверки кои компаниите треба да ги спроведуваат во своите синџири на снабдување.
Иако директивата предвидува сериозни казни – до 5% од глобалниот промет за компаниите кои не се усогласени – Катар смета дека предложените измени не се доволни. Особено спорен, според Ројтерс, е условот секоја компанија да има климатски транзиционен план усогласен со Парискиот договор и ограничувањето на глобалното затоплување под 1,5°C.
„Ниту Државата Катар, ниту QatarEnergy имаат планови да постигнат нето-нула емисии во блиска иднина“, стои во писмото, каде се тврди дека директивата ги поткопува суверените права на земјите да ги утврдуваат сопствените климатски политики.
Во прилогот на писмото, Катар предлага целосно да се отстрани делот од директивата кој се однесува на обврската за климатски планови.
Министерот ал-Кааби, кој е и главен извршен директор на државната компанија QatarEnergy, потсетува дека Катар има долгорочни договори со европски компании како Shell, TotalEnergies и ENI.
Извор: Ројтерс