Ројтерс: Големи инвеститори во трка за глобалните активи на Лукоил

Њујорк.13 јануари 2026 – Според новинската агенција Ројтерс, неколку водечки меѓународни инвеститори се натпреваруваат за купување на глобалните активи на руската нафтена компанија „Лукоил“, во пресрет на рокот што САД го поставија за нивна продажба, кој истекува оваа недела.

Како што пренесува Ројтерс, инвестицискиот фонд „Карлајл“, конзорциум составен од „Шеврон“ и „Квантум Капитал Груп“, како и инвеститорот од Обединетите Арапски Емирати „Интернешнл Холдинг Компани“ (IHC), се меѓу главните заинтересирани страни за портфолиото на „Лукоил“, проценето на околу 22 милијарди долари.

САД во октомври минатата година воведоа санкции против „Лукоил“ и „Росњефт“ со цел зголемување на притисокот врз Кремљ за постигнување мировен договор со Украина, при што на „Лукоил“ ѝ беше даден рок до 17 јануари да ги отуѓи своите меѓународни активи.

РЕКЛАМА

Според Ројтерс, тие вклучуваат нафтени полиња во Ирак, Азербејџан и Казахстан, како и рафинерии и мрежи на бензински пумпи во Европа и САД. Работењето на компанијата е отежнато поради санкциите и ограничениот пристап до банкарски услуги, а Ирак во меѓувреме го национализираше најголемото нафтено поле на „Лукоил“, Западна Курна 2.

Извори на Ројтерс наведуваат дека компанијата од ноември води разговори со потенцијални купувачи. „Карлајл“, „Шеврон“ и „Квантум“ одбија да коментираат за агенцијата, додека IHC не одговори на барањето за изјава.

Како што истакнува Ројтерс, секој договор ќе мора да добие одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) при американското Министерство за финансии. ОФАК може да ја продолжи постојната лиценца или да издаде поединечни дозволи за потенцијалните купувачи пред истекот на рокот, додека досега се блокирани два обиди за продажба.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба