Ројтерс: ЕУ ја забрзува забраната за руски ЛНГ на барање на Трамп

Брисел.19 септември 2025 – Европската унија ќе ја укине зависноста од рускиот течен природен гас (LNG) побрзо од планираното и ќе ја воведе забраната на 1 јануари 2027 година – една година порано од претходно најавеното, дознава Ројтерс од високи извори во Брисел.

Одлуката е дел од 19-тиот пакет санкции против Москва и следува по силниот притисок на американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано повикува ЕУ да го прекине финансирањето на руската воена економија преку енергетски приходи. „Приходите од фосилни горива ја одржуваат руската воена економија. Време е да го затвориме вентилот,“ изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Новите мерки треба да бидат усвоени едногласно од сите 27 земји членки, што најавува тешки преговори, бидејќи Унгарија и Словачка во минатото често го блокираа усвојувањето на санкциски пакети. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, преку социјалната мрежа „Икс“ порача дека целта е „забрзување на напуштањето на рускиот LNG и негово целосно укинување до 1 јануари 2027 година“.

РЕКЛАМА

Покрај LNG, пакетот ќе опфати и нови мерки против руската „флота од сенка“ на танкери кои транспортираат нафта во спротивност со санкциите, како и против користење на криптовалути за финансирање на Кремљ. На удар ќе се најдат и компании, банки и рафинерии од Кина и Централна Азија, како и специјални економски зони што Русија ги користи за увоз на стоки со двојна намена. „Ќе ги таргетираме оние што го хранат руското војување, без разлика дали станува збор за рафинерии, трговци со нафта или петрохемиски компании во трети земји,“ додаде фон дер Лајен.

Кремљ одговори дека плановите на ЕУ нема да влијаат врз руската позиција. „Фазното укинување на нашите енергетски испораки нема да ја промени Русија и нема да ја принуди да се откаже од своите цели,“ изјави портпаролот Дмитриј Песков.

Европските аналитичари предупредуваат дека скратениот рок ќе ја натера Унијата побрзо да најде алтернативи, што може да ја зголеми зависноста од американскиот LNG. „Притисокот на Трамп врз Европа да се движи побрзо очигледно даде резултат. Но тоа значи дека Брисел ќе мора итно да ја обезбеди енергетската стабилност, а снабдувањето од САД е на врвот на таа листа,“ изјави Симоне Талјапетра од тинк-тенкот „Бругел“.

Според податоците на Евростат, уделот на Русија во увозот на LNG на ЕУ опаднал на 14% во вториот квартал од 2025 година, од 22% во 2021. Најголеми увозници на руски LNG се Шпанија, Белгија, Холандија и Франција, додека преку гасоводот „Турски тек“ гасот продолжува да пристигнува во Унгарија, Словачка и Бугарија.

Извршниот директор на „ТоталЕнерџис“, Патрик Пујане, изјави минатата недела дека европскиот пазар ќе има потреба од руски гас барем до крајот на 2027 година, „а потоа може да се најдат алтернативи без значително зголемување на цените“.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба