РКЕ воведува задолжителни сајбер-безбедносни мерки за енергетските компании

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) наложи сет на задолжителни мерки за зајакнување на сајбер-безбедноста во енергетскиот сектор, со цел заштита на критичната инфраструктура и обезбедување сигурно и континуирано снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството.

Меѓу мерките се задолжително тестирање на критичната инфраструктура, воведување меѓународни безбедносни стандарди, изработка на посебни буџети со приоритетни инвестиции во сајбер-безбедноста, како и назначување офицер за сајбер-безбедност во секоја енергетска компанија.

Според РКЕ, анализите покажале дека до 2024 година ниту една енергетска компанија во земјава немала имплементирано меѓународен стандард за сајбер-безбедност.
„Постоеле локални политики и процедури, но тие не беа доволни за системско следење и унапредување на сајбер-заштитата. Во моментов, две енергетски компании веќе го имплементираа меѓународниот ИСО стандард за управување со безбедноста на информациите, а уште три се во завршна фаза“, изјави Апостолчо Рамов, раководител на Секторот за информатичка технологија и статистика во РКЕ, на Третата конференција за дигитализација во организација на Американската стопанска комора.

РЕКЛАМА

Рамов посочи дека имплементацијата на овие стандарди е побрза кај приватните компании, бидејќи не се обврзани на тендерски постапки како јавните претпријатија.

Со законските измени од 2023 година, РКЕ стана пионер во регионот во воспоставување регулатива за сајбер-безбедност во енергетиката. Регулаторната дигитализација ќе продолжи, а следниот чекор е воведување паметни броила.

„Законот е на сила и операторите на пренос и дистрибуција треба да направат анализа за воведување паметни мерни системи. Целта е граѓаните преку мобилен уред или онлајн да ја следат својата потрошувачка, што ќе ја зголеми довербата и ќе ги елиминира дилемите околу реалноста на сметките“, истакна Рамов.

РКЕ уште во 2023 година, во соработка со Националната асоцијација на регулаторни комисии за комунални услуги (НАРУК) и УСАИД, донесе Правила за сајбер-безбедност, со кои за првпат системски се уредуваат обврските на енергетските субјекти за заштита на мрежите и информациските и оперативните технологии. Во наредниот период, правилата ќе се усогласуваат со новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи, како основа за стабилен, сигурен и модерен енергетски систем.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба