Во последните три години, електроенергетскиот систем на Македонија бележи речиси еден нов мегават обновлива енергија дневно, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ).
Заклучно со октомври 2025 година, во земјата се изградени нови капацитети со вкупен инсталиран капацитет од 1.200 MW, кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори, објави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на Регионалната конференција за зелена трансформација на Западен Балкан што се одржа во Тирана, Албанија.
„Производството на електрична енергија од сонце е веќе реалност – Елдорадото на фотоволтаични централи ја најави енергетската транзиција, што пак отвори процес на трансформација на електроенергетскиот сектор. Бројките се охрабрувачки, но периодот кој следи е полн со предизвици, особено во делот на балансирање на системот,“ изјави Бислимоски.
Тој додаде дека во следната фаза е неопходно да се стимулираат инвестиции во капацитети за базна енергија, со цел да се обезбеди стабилност на системот.
„Употребата на батерии има своја улога, но мора да се реализираат инвестиции кои ќе ја заменат струјата од јаглен со енергија произведена од гас или биомаса,“ нагласи претседателот на РКЕ.
Една од клучните теми на конференцијата беше и дигитализацијата на административните постапки за добивање дозволи и документи, како предуслов за побрза реализација на зелени инвестиции.
На панелот посветен на „Формирање зони за побрза реализација на зелени инвестиции“, говорниците – меѓу кои енергетичари, економисти и претставници на извршната и локалната власт – порачаа дека енергетската транзиција ќе биде успешна само доколку ефектите ги почувствуваат и домаќинствата, а не само индустријата.
Учесниците оценија дека мерките и реформите за „паметна зелена иднина“ мора да станат приоритет на политиките на земјите од регионот, за да се олесни нивната интеграција во европскиот енергетски пазар.
Извор: РКЕ
