Скопје. 05 мај 2025 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати, во просек за 1,32% во однос на одлуката од 28 април 2025 година. Новите цени стапуваат на сила од 6 мај 2025 година, од 00:01 часот.
Намалувањето на цените е резултат на падот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, каде што бензините бележат намалување од 1,986%, дизелот од 2,832%, екстра лесното масло од 2,299%, а мазутот од 4,935%. Дополнително, курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,4464% во споредба со претходната пресметка.
Новите максимални малопродажни цени на нафтените деривати од 6 мај 2025 година се:
- ЕУРОСУПЕР БС-95: 73,00 денари/литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98: 75,00 денари/литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 65,00 денари/литар
- Екстра лесно масло (ЕЛ-1): 65,00 денари/литар
- Мазут М-1 НС: 36,042 денари/килограм
Во однос на претходните цени, цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 денари по литар, додека цените на ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и екстра лесното масло (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 денари по литар. Цената на мазутот М-1 НС е намалена за 1,113 денари по килограм.
РКЕ нагласува дека овие цени претставуваат максимални вредности, а трговците на големо и мало можат да понудат пониски цени за одделни нафтени деривати и горива за транспорт. Одлуката ќе биде објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и на веб-страницата на РКЕ, а стапува на сила од 6 мај 2025 година, од 00:01 часот.
Извор: РКЕ