РКЕ ги намали цените на бензините, дизелот останува непроменет

Скопје. 30 март 2026 – Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) денес донесе нова одлука за намалување на цените на дел од нафтените деривати, со цел ублажување на ефектите од глобалните пазарни турбуленции и заштита на домашните потрошувачи.

Со одлуката, РКЕ го намали трошокот за работа преку склад од 1,70 на 1,20 денари по литар, што придонесе малопродажните цени во просек да се намалат за 1,41% во однос на претходната одлука од 23 март.

Според регулаторот, на светските пазари се забележани различни движења кај дериватите, бензините поевтиниле за околу 3,76%, додека кај дизелот и екстра лесното масло има раст. Во исто време, курсот на денарот во однос на американскиот долар е намален за 0,54%.

РЕКЛАМА

Од 31 март 2026 година од 00:01 часот, максималните цени ќе изнесуваат:

  • ЕУРОСУПЕР БС-95: 84,00 денари за литар
  • ЕУРОСУПЕР БС-98: 85,50 денари за литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 95,50 денари за литар
  • Екстра лесно масло (ЕЛ-1): 92,50 денари за литар
  • Мазут М-1 НС: 50,410 денари за килограм

Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за 2,50 денари по литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 3 денари. Цената на дизелот останува непроменета, а екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 0,50 денари. Мазутот, пак, поевтинува за 0,663 денари по килограм.

Од РКЕ потенцираат дека станува збор за максимални цени, при што трговците можат да формираат и пониски цени на пазарот.

Одлуката доаѓа во период на зголемена нестабилност на глобалните енергетски пазари, што има директно влијание врз домашните цени на горивата.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил