РКЕ ги издаде првите лиценци за батериски системи за складирање на електрична енергија во Македонија

Скопје. 11 октомври 2025 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) вчера ги издаде првите лиценци за батериски системи за складирање на електрична енергија од обновливи извори. Лиценците се доделени на компанијата „Енерго Солар Системи“, која ќе управува со два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2.600 kW, инсталирани во рамки на две постојни фотонапонски електроцентрали што веќе се во функција.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, истакна дека ова претставува „почеток на нов инвестициски циклус во енергетиката“, со кој Македонија прави значителен чекор кон модернизација и стабилизација на електроенергетскиот систем.
„Воведувањето на батериските системи овозможува создавање одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем. Очекуваме се поголем број компании да инвестираат во складирање на енергија – како во склоп на постојните соларни капацитети, така и преку самостојни оператори на батериски системи“, нагласи Бислимоски.

Според него, употребата на батериските системи ќе придонесе за поголема сигурност и стабилност на електроенергетската мрежа, поефикасно управување со вишоците на произведена струја и намалување на трошоците во системот. Батериите, исто така, ќе можат да обезбедуваат услуги за балансирање и одржување на параметрите на мрежата во дозволените граници.

РЕКЛАМА

Како е регулирано батериското складирање во новиот Закон за енергетика

Новите измени на Законот за енергетика, за првпат детално го дефинираат батериското складирање на електрична енергија како посебна енергетска дејност. Законот предвидува дека физички и правни лица можат да добијат лиценца за складирање на електрична енергија, при што се утврдени јасни технички и безбедносни критериуми, обврска за приклучување кон мрежата и услови за учество на пазарот на електрична енергија.

Со новата регулатива, батериските системи може да се користат како помошна услуга за балансирање, фреквентна стабилизација и оптимизација на потрошувачката, а сопствениците на батериски капацитети добиваат можност да тргуваат со складирана енергија на пазарот. Постапката за добивање на лиценца е пропишана во Правилникот за лиценци што го донесе РКЕ, со цел да се поттикнат инвестиции и да се забрза енергетската транзиција на земјата.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба