РКЕ донесе измени по намалувањето на ДДВ: нови правила за цените на горивата

Скопје, 23 март 2026 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе измени и дополнувања на Правилникот за формирање на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горивата за транспорт, со што се воведуваат нови правила за пресметка на трговската маржа и носење вонредни одлуки.

Измените следуваат по одлуката на Владата за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18% на 10%, мерка која беше донесена со цел да се спречи значително поскапување и да се ублажи ценовниот удар врз граѓаните .

Со новиот Правилник, Комисијата ја усогласува методологијата со изменетата даночна политика. Трговската маржа при заокружување на цените сега може да отстапува до ±0,227 денари по литар за ДДВ од 10%, додека се утврдени и граници за други даночни стапки – ±0,212 денари за 18%, ±0,238 денари за 5% и ±0,250 денари за 0%.

РЕКЛАМА

Од Комисијата појаснуваат дека измените произлегуваат од законските одредби, вклучително и Законот за енергетика и Законот за данокот на додадена вредност, со кои се овозможува примена на повластени даночни стапки за одделни нафтени деривати.

Дополнително, со измените се воведува и јасна процедура за носење вонредни одлуки. Доколку меѓу две редовни седници се променат даноци, такси или надоместоци што влијаат на цената, Комисијата ќе може веднаш да одржи вонредна седница и да утврди нови цени, без да се менуваат берзанските параметри.

Правилникот стапува во сила веднаш, а ќе биде објавен во „Службен весник“ и на веб-страницата на Комисијата. Од институцијата оценуваат дека со ова се обезбедува поголема флексибилност и побрза реакција на пазарните и даночните промени.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил