Лондон. 3 септември 2025 – Нуклеарните реактори ширум светот во 2024 година произвеле рекордни 2.667 терават-часови (TWh) електрична енергија, надминувајќи го претходниот максимум од 2006 година (2.660 TWh), покажува најновиот World Nuclear Efficiency Report 2025 на Светската нуклеарна асоцијација.
Просечниот фактор на искористеност на нуклеарните централи се искачил на 83%, што значи дека повеќето централи работеле речиси со полн капацитет во текот на целата година. Над 60% од реакторите постигнале фактор над 80%, а извештајот нагласува дека возраста на реакторите не влијае негативно на нивната ефикасност.
Главниот двигател на зголемувањето е Азија, каде што во последната деценија биле изградени 56 од вкупно 68 нови реактори. Од 70 реактори што се во изградба, дури 59 се во Азија.
„Новиот рекорд е доказ за можностите на индустријата. За да ги постигнеме глобалните енергетски и климатски цели, мораме секоја година да рушиме нови рекорди,“ изјави Самa Билбао и Леон, директорка на Светската нуклеарна асоцијација.
Минатата година седум нови реактори беа приклучени на мрежата – во Кина, САД, Индија, Франција и Обединетите Арапски Емирати. Започната е и изградба на девет нови реактори во Пакистан, Египет, Русија и Кина. Истовремено, четири реактори беа трајно затворени, меѓу нив два во Канада и еден во Тајван.
Авторот на извештајот, Џонатан Коб, вели дека рекордот најверојатно ќе биде надминат повторно во следните години. „Со ставањето во функција на реакторите што се во изградба, глобалниот капацитет ќе продолжи да расте. Нашите анализи покажуваат дека ниту старите реактори, дури и оние постари од 50 години, не ја губат ефикасноста,“ изјави Коб.
Извор: World-nulcear.org