15 октомври 2025 – Продажбата на електрични и приклучни хибридни возила во септември достигна рекордни 2,1 милион единици на светско ниво, што претставува раст од 26% во однос на истиот месец лани, покажува анализата на истражувачката компанија Rho Motion.
Главни двигатели на растот се Кина и САД – најголемите пазари за електрични автомобили. Во Кина, каде што септември традиционално е најактивен месец за купување возила, продажбата достигна 1,3 милион единици, додека во САД побарувачката нагло порасна пред истекот на федералните даночни олеснувања за купувачите на електрични модели.
Во Европа, пазарот забележа раст од 36%, со 427.541 продадено возило, поттикнат од субвенциите во Германија и засилената продажба во Велика Британија. Во Северна Америка продажбата порасна за 66%, достигнувајќи 215.000 возила, а во остатокот од светот зголемувањето изнесува 48%, со продадени 153.594 единици.
„Со укинувањето на федералните поттикнувања, побарувачката во САД најверојатно ќе забележи остар пад во последниот квартал од годината,“ изјави Чарлс Лестер, менаџер за податоци во Rho Motion. Според него, дел од производителите – меѓу кои General Motors и Hyundai – веќе нудат попусти и користат дилерски залихи за да ја одржат продажбата.
Во Европа, дополнителен поттик за конкуренцијата се очекува со појавата на поевтината верзија на Tesla Model Y, што би можело да го засили интересот на купувачите и да го зголеми притисокот врз традиционалните производители.
Извор: Ројтерс