Босна и Херцеговина во 2025 година забележа рекорден увоз на електрична енергија, во вредност од околу 629 милиони конвертибилни марки, односно приближно 321,6 милиони евра, што е речиси двојно повеќе во споредба со 2024 година.
Според податоците на Управата за индиректно оданочување на БиХ, минатата година биле увезени 628.956.500 КМ (околу 321,6 милиони евра) електрична енергија, додека во 2024 година увозот изнесувал 312.612.000 КМ или околу 159,8 милиони евра.
Зголемениот увоз делумно се објаснува со честите испади на Термоелектраната „Угљевик“ од системот поради недостиг на јаглен, како и со редовните и капиталните ремонти. Дополнителен фактор се и промените на цените на електричната енергија на регионалниот пазар.
Двете термоелектрани што произведуваат околу 65% од електричната енергија во Република Српска истовремено не работеле со денови во мај и јуни поради ремонти, поради што „Електропривреда РС“ морала да увезува значителни количини струја од странство. Годишниот ремонт во РиТЕ „Угљевик“ траел од 21 април до 5 јуни (45 дена), додека капиталниот, петгодишен ремонт во РиТЕ „Гацко“ се одвивал од 24 мај до 2 август, во траење од 70 дена.
Со слични проблеми се соочува и Федерацијата БиХ, каде поради недостиг на јаглен и застарени термоелектрани, производството на електрична енергија е намалено за речиси една четвртина во последните четири години, поради што е побарана итна санација на енергетскиот сектор.
Во претходните години вредноста на увозот на електрична енергија била значително пониска. Така, во 2023 година изнесувала 215.877.000 КМ (околу 110,4 милиони евра), во 2022 година 393.530.028 КМ (околу 201,2 милиони евра), во 2021 година 218.768.000 КМ (околу 111,8 милиони евра), а во 2020 година само 96.335.000 КМ, односно околу 49,3 милиони евра.
Најмногу електрична енергија во 2025 година БиХ увезла од Хрватска – 267 милиони КМ (околу 136,5 милиони евра), потоа од Словенија – 108 милиони КМ (околу 55,2 милиони евра), Албанија – 89 милиони КМ (околу 45,5 милиони евра) и Србија – 86,7 милиони КМ (околу 44,3 милиони евра).
Кога станува збор за извозот, БиХ во 2025 година продала електрична енергија во вредност од 868.807.000 КМ, односно околу 444,3 милиони евра, што претставува закрепнување во однос на 2024 година, кога извозот изнесувал 669.778.000 КМ или околу 342,5 милиони евра.
Највисоки вредности на извоз на електрична енергија се забележани во 2022 и 2023 година. Во 2023 година биле извезени 1.055.724.000 КМ (околу 539,7 милиони евра), а во 2022 година 1.074.654.000 КМ, односно приближно 549,4 милиони евра. Во 2021 година извозот изнесувал 827.686.000 КМ (околу 423,2 милиони евра), додека во 2020 година бил речиси двојно помал – 499.541.000 КМ или околу 255,4 милиони евра.
Извор: Capital.ba
