Москва. 3 ноември 2025 — Русија во периодот јануари–октомври годинава извезла 25,2 милиони тони течен природен гас (ЛНГ), што претставува пад од 3,4% во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на LSEG. Сепак, во октомври извозот нагло пораснал за 21% и достигнал рекордно ниво, поттикнат од почетокот на испораките од новиот проект „Арктик ЛНГ 2“.
Извозот на руски ЛНГ е ограничен од американските санкции поврзани со војната во Украина, особено насочени кон проектот „Арктик ЛНГ 2“, кои значително го отежнуваат користењето на танкерската флота за транспорт на горивото.
Кина го прими првиот товар ЛНГ од санкционираниот руски проект на крајот на август, неколку дена пред средбата меѓу претседателите Владимир Путин и Си Џинпинг. Од тогаш, 13 танкери со руски ЛНГ истоварија товар во терминалот Беихај во јужна Кина.
Во октомври, руските испораки на ЛНГ достигнале 3,4 милиони тони, што е 21% повеќе во однос на истиот месец од минатата година и речиси 27% повеќе од септември.
Во исто време, извозот на руски ЛНГ кон Европа во првите десет месеци годинава паднал за 17,9% на 11 милиони тони, а само во октомври бил понизок за 21% во споредба со истиот месец минатата година, на 0,79 милиони тони.
Испораките од постројката „Јамал ЛНГ“ на компанијата Новатек во октомври пораснале за 8% на годишно ниво, достигнувајќи 1,76 милиони тони, додека во споредба со септември порастот изнесува 17%. Од почетокот на годината, сепак, извозот од „Јамал“ е намален за 6% и изнесува 15,2 милиони тони.
Проектот „Сахалин-2“, ориентиран кон азиските пазари и под контрола на Гаспром, го зголеми извозот во октомври за 10% на 0,98 милиони тони во споредба со истиот период лани.
Извор: Ројтерс
