Трансјадранскиот гасовод (ТАП) официјално ја потврди целосната оперативност на првата фаза од проширувањето на својот капацитет, што претставува важен чекор во напорите на Европа за диверзификација на енергетските извори и намалување на зависноста од руски гас.
Со проширувањето се додаваат дополнителни 1,2 милијарди кубни метри (bcm) долгорочен капацитет годишно, со што вкупниот капацитет на гасоводот достигнува 11,2 bcm годишно. За да се овозможи зголемувањето, на компресорската станица Кипои, во близина на грчко-турската граница, е инсталирана нова компресорска единица со моќност од 15 мегавати. Проектот следи по пазарниот тест започнат во 2021 година, со цел да се одговори на растечката побарувачка за гас од Каспискиот регион.
ТАП е дел од околу 3.500 километри долгиот Јужен гасоводен коридор, кој транспортира природен гас од азербејџанското гасно поле Шах Дениз. Гасоводот, долг 877 километри, се протега од турско-грчката граница преку Албанија и Јадранското Море до Италија.
Енергетскиот коридор обезбедува снабдување и за земјите од Југоисточна Европа преку интерконектори, меѓу кои и интерконекторот Грција-Бугарија, кој ја снабдува Бугарија од крајот на 2022 година.

Инаку, гасоводот е проектиран со можност за проширување на проточниот капацитет до 20 bcm годишно. Доколку се потврди доволна пазарна побарувачка и економска оправданост, следната фаза на проширување би можела да започне најрано кон крајот на 2027 година.
ТАП е заеднички проект на компаниите BP, SOCAR, Snam, Fluxys и Enagás, при што секоја од нив поседува по 20% од уделот.
Претседателот на Управниот одбор на ТАП, Мурад Хејдаров, изјави дека првата фаза од проширувањето претставува значајна пресвртница не само за гасоводот, туку и за целиот Јужен гасен коридор, нагласувајќи ја неговата улога како сигурна и конкурентна рута за директна испорака на природен гас од Каспиското Море кон Европа.
Извор: Tap-ag.com
