Белград. 19 Мај 2025 – Србија го прави првиот институционален чекор кон можно вклучување на нуклеарната енергија во својот енергетски систем по 2040 година. Во рамки на Министерството за рударство и енергетика ќе се формира посебна организациона единица за нуклеарна енергија, согласно препораките на Меѓународната агенција за атомска енергија, најави министерката Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Новата структура ќе има задача да го координира стратешкиот развој на нуклеарниот сектор во Србија, особено во контекст на мирнодопско користење на атомската енергија и зголемување на експертските капацитети во оваа област.
„Формирањето на ова одделение е логично продолжение на стратешките документи што ги усвоивме минатата година, со кои се предвидува можно интегрирање на атомската енергија во енергетскиот микс по 2040 година“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ на состанок со претставници од Јапонскиот меѓународен центар за соработка.
Таа истакна дека веќе се поставуваат темелите за долгорочен развој на оваа технологија: „Го укинуваме мораториумот за изградба на нуклеарни постројки и потпишавме меморандум со пет министерства и дваесет високообразовни институции, со што испраќаме силен сигнал до академската и истражувачката заедница да ја вклучат нуклеарната енергија во своите програми“.
Министерката додаде дека Србија мора да изгради силни институционални, научни и управувачки капацитети, прилагодени на нејзините специфични национални потреби и геополитичка позиција.
Србија веќе има потпишано договори за размена на знаење и искуства со Франција, САД и Русија, а се очекува и нова соработка со Република Кореја. Особено се истакнува долгогодишното партнерство со Јапонија.
Јапонскиот меѓународен центар за соработка, формиран од Јапонскиот форум за атомска индустрија, работи со поддршка од Владата на Јапонија на развој на нуклеарна инфраструктура во други земји, преку обуки, советодавна поддршка и трансфер на знаење.
„Во Чешка и Полска веќе ги спроведовме нашите програми за зајакнување на човечките капацитети за управување со нуклеарни постројки“, изјави извршниот директор Такаши Хара. „Се надевам дека веќе на почетокот од следната година и Србија ќе се приклучи на нашите активности.“
Извор: Танјуг