Загреб. 18 декември 2025 – Хрватската влада даде претходна согласност Хрватската електропривреда (ХЕП) да се задолжи со долгорочен кредит до 400 милиони евра, наменет за делумно рефинансирање на постојниот кредит и за редовно работење на компанијата.
Станува збор за клубски кредит обезбеден од конзорциум домашни и странски банки, со кој делумно ќе се рефинансира постојниот револвинг кредит од 600 милиони евра. Новото задолжување нема да биде покриено со државна гаранција, со што ќе се укине и важечката гаранција за постојниот кредит.
Министерот за економија Анте Шушњар изјави дека значителен дел од досегашниот долг веќе е отплатен од сопствени средства на ХЕП, а преостанатиот износ ќе се рефинансира со новиот кредит. Тој нагласи дека се договорени поповолни услови, со пониска фиксна каматна стапка и пониски банкарски трошоци, што ќе придонесе за подобрување на финансиската стабилност и ликвидноста на компанијата.
Во финансирањето учествуваат Banca Intesa Sanpaolo, Erste & Steiermärkische Bank, Хрватската банка за обнова и развој, Хрватската поштенска банка, Privredna banka Zagreb, Raiffeisenbank Austria и Zagrebačka banka. Најголем кредитор е Zagrebačka banka со 140 милиони евра, додека PBZ групацијата обезбедува 90 милиони евра. Erste, HBOR и Хрватската поштенска банка учествуваат со по 50 милиони евра, а Raiffeisenbank Austria со 20 милиони евра.
Рокот за повлекување на средствата е до шест месеци од потпишувањето на договорот, а рокот на отплата е до седум години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 2,5 отсто годишно.
Со реализацијата на оваа трансакција целосно ќе се ослободи државната гаранција на Република Хрватска во износ од 424,8 милиони евра, што дополнително го намалува фискалниот ризик за државата.
Извор: SeeBiz.eu
