Загреб. 31 октомври 2025 — Три месеци по укинувањето на максималните малопродажни цени на горивата, хрватскиот пазар покажува стабилност и зголемена конкуренција, а цените за повеќето горива се пониски отколку во јули, покажува анализата на порталот Nafta.hr.
Според анализата, основните горива Eurosuper 95 и Eurodizel, поевтиниле за околу три евроценти по литар во однос на периодот кога државата сè уште ги регулираше цените. И покрај стравувањата дека либерализацијата би можела да предизвика поскапување, пазарот остана стабилен, а конкуренцијата доведе до благ пад на цените.
Најголемо поевтинување е забележано кај премиум горивата. Eurosuper 95 Premium поевтини за 15 евроценти, додека Eurodizel Premium падна од просечни 1,71 на 1,49 евра по литар, намалување од околу 13%. Анализата укажува дека ова е резултат на засилена конкуренција меѓу најголемите дистрибутери како Ina, Lukoil, Petrol, Shell и Tifon.
„Пазарот покажа дека може самостојно да ја одржува стабилноста на цените. По укинувањето на регулацијата, конкуренцијата се засили, а цените природно се усогласија,“ наведуваат од Nafta.hr.
Пад на цените е забележан и кај синиот дизел и маслото за греење, за околу три евроценти, што е особено поволно за земјоделците и домаќинствата кои ги користат овие горива во сезоната на греење.
Три месеци по либерализацијата, хрватскиот пазар на горива покажува знаци на здрава конкуренција и стабилност. Цените се во просек пониски од претходно, а разликите меѓу бензинските станици најчесто се движат во рамки од еден до два евроценти по литар. Ако ваквиот тренд продолжи, либерализацијата би можела да се покаже како позитивен потег и за потрошувачите и за економијата.
Извор: Nafta.hr
 
			 
						 
			 
				 
				 
				 
				 
							
 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										