Гаспром излезе од сопственичката структура на НИС – Србија пред одлука за американски санкции

Белград. 22 септември 2025 – Руската енергетска компанија Гаспром практично се повлече од сопственичката структура на „Нафтна индустрија Србије“ (НИС), еден од најважните економски столбови во земјата. Според податоците објавени на Белградската берза, Гаспром го пренесе својот удел од околу 11,3% акции на компанијата Интелиџенс од Санкт Петербург, основана во вториот по големина руски град и родното место на претседателот Владимир Путин.

Со оваа трансакција, завршена на 19 септември, Гаспром задржува само симболичен удел – еден глас на основа на помалку од еден промил сопственост. Најголем акционер останува „Гаспром њефт“, подружница на Гаспром, со 44,9%, додека државата Србија поседува 29,9%. Новиот играч Интелиџенс сега располага со 11,3 отсто, а остатокот им припаѓа на мали акционери.

Промената во сопственичката структура доаѓа во пресрет на одлуката на американската администрација за воведување санкции кон НИС, чија примена, од јануари, до сега беше одложена шест пати. Санкциите беа најавени поради т.н. „секундарен ризик“, односно блиските врски на НИС со „Гаспром њефт“, кој е под западни санкции поради руската инвазија врз Украина.

РЕКЛАМА

Последното одложување важи до 26 септември, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, веќе изрази сомнеж дека ќе има ново пролонгирање. „Се плашам дека тоа повеќе нема да биде можно и дека ќе се соочиме со исклучително тешка ситуација. Ќе направам сè за време на разговорите во Њујорк,“ изјави Вучиќ, најавувајќи средба со американскиот државен секретар на маргините на Генералното собрание на ОН.

Што значи ова за Србија?

НИС е клучна компанија за енергетската стабилност и буџетот на Србија. Според официјалните податоци, обезбедува околу 80% од домашниот пазар на горива и учествува со приближно 9% во државниот буџет. Затворањето на можноста за користење на Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ), преку кој пристигнува повеќето нафта за Србија, би можело да предизвика сериозни нарушувања во снабдувањето.

Иако властите уверуваат дека стоковните резерви се доволни за шест до осум месеци, експертите предупредуваат на ризик од инфлација, поскапување на извозот и намалување на странските инвестиции доколку санкциите бидат активирани.

Од почетокот на војната во Украина, Белград се обидува да најде модел за трансформација на сопственичката структура на НИС. Како можни решенија беа споменувани национализација, целосен или делумен откуп на рускиот удел од страна на државата, како и влез на нови странски инвеститори.

Претседателот Вучиќ повеќе пати изјави дека Србија е подготвена да ги откупи руските акции, но само „по пазарни услови“. „Ние да одземаме туѓа имовина не сакаме, па ни руската. Подготвени сме да платиме, имаме пари, само кажете ни каде и на кого,“ порача тој.

Американските претставници, пак, посочуваат дека конечната цел е целосно исклучување на рускиот интерес во НИС, што би овозможило компанијата да биде избришана од листата на санкции на Канцеларијата за контрола на странска имотина (OFAC).

НИС останува витално претпријатие за Србија, не само поради енергетската безбедност, туку и поради значајниот удел во бруто-домашниот производ и приходите на државата. Соочена со притисоците од Вашингтон и Брисел, Белград се обидува да го задржи балансот со Москва, која преку Гаспром има длабоки корени во српскиот енергетски сектор.

Исходот од американската одлука што треба да биде донесена на 26 септември ќе биде клучен за иднината на НИС и за позицијата на Србија во сложената геополитичка равенка помеѓу Западот и Русија.

Извор: Danas.rs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба