Белград. 1 декември 2025 – Рафинеријата на Нафтната индустрија на Србија (НИС) уште денес работи во режим на т.н. топла циркулација, додека од утре би можела целосно да запре доколку САД не издадат нова лиценца за продолжување на нејзиното работење. Одлуката на Стејт департментот и Канцеларијата за контрола на странска имовина (ОФАК) сè уште се чека, пренесе РТС.
НИС, која е мнозински во руска сопственост, е под американски санкции веќе 54 дена. Во очекување на исходот, Србија го зголемува увозот на нафтени деривати како мерка на претпазливост.
Претседателот Александар Вучиќ најави дека рафинеријата во вторник ќе престане со работа доколку не стигне потребната дозвола. Тој за денеска закажа важен состанок на кој треба да се разгледаат мерките за справување со евентуалните последици, изразувајќи скепса дека одговор од САД ќе пристигне навреме.
„Ако до утре не ја добиеме лиценцата, ќе мора на различни начини да се снаоѓаме за обезбедување на нафта и деривати во наредниот период“, изјави Вучиќ.
Бојан Станиќ од Стопанската комора на Србија за РТС оцени дека би било „големо разочарување“ доколку лиценцата не биде продолжена. Според него, краткорочниот прекин на работата на рафинеријата не би предизвикал сериозни проблеми, но би ја намалил вредноста на НИС на долг рок.
Извор: Rts.rs
