Загреб. 13 мај 2025 – Од денес, на хрватските железници ќе започне да сообраќа првиот хибриден електробатериски воз, кој претставува значаен чекор кон модернизација и декарбонизација на патничкиот железнички сообраќај во земјата.
Овој воз е дел од проектот „Примена на зелени технологии во железничкиот патнички превоз“, финансиран преку Националниот план за обнова и отпорност 2021–2026. Возот ќе сообраќа на релацијата Загреб – Бјеловар – Загреб, а вкупната вредност на проектот изнесува 17,1 милион евра.

Новото возило е прилагодено за користење на електрифицирани и неелектрифицирани железнички пруги. На делниците каде нема електрификација, возот се движи со помош на батерии и достигнува брзина до 120 km/h. На електрифицирани пруги, благодарение на системот за напојување со високонапонска опрема (25 kV, 50 Hz), може да постигне брзина до 160 km/h.
Возот е долг 60 метри и располага со 150 седишта. Опремен е со по три врати од секоја страна, пристапни рампи и тоалет за лица со попреченост, простор за велосипеди, видеонадзор низ целиот патнички простор, монитори за прикажување видеосодржини, како и бесплатен интернет.
Со ова возило, Хрватска прави сериозен чекор кон еколошки поприфатлива и модерна железничка инфраструктура, прилагодена на потребите на сите патници.
Извор: Zagreb.info