Пролетно чистење на соларните електрани: кога е неопходно и колку чини?

Со зголемувањето на бројот на соларни електрани, сè почесто се поставува прашањето, кога е вистинскиот момент за нивно чистење. Намалувањето на производството на електрична енергија не секогаш укажува на технички дефект, туку често причината е поедноставна, насобрана нечистотија на панелите.

Иако соларните модули најчесто се поставени под агол и се изложени на дожд, практиката покажува дека природното „миење“ не е доволно. Според извештај на Меѓународната агенција за енергија, загубите во производството поради прашина и други нечистотии може да достигнат од 4 до 7% годишно, а во посуви или индустриски средини и значително повеќе.

Во услови на подолги сушни периоди, загубите можат да растат од 0,01 до 0,2% дневно. Ако нема дожд со недели, нечистотијата се акумулира, а дури и обилните врнежи не секогаш успеваат целосно да ја отстранат, особено кога станува збор за поцврсти наслаги.

РЕКЛАМА

Практично, тоа значи дека електрана со годишно производство од 1.000 MWh може да изгуби околу 50 MWh годишно поради загадување. Истражувањата покажуваат дека ефектите не се секогаш линеарни, тенок слој прашина има мал ефект, но долготрајна изложеност во комбинација со влага создава потрајни наслаги што значително ја намалуваат ефикасноста.

Чистење – економска одлука

Одлуката за чистење најчесто се носи врз основа на економска пресметка, дали трошокот за интервенција е помал од загубата во производство.

Компаниите што нудат вакви услуги препорачуваат чистење на секои две години, особено кај домаќинствата. Панелите се изложени на полен, прашина, измет од птици, варовник и дури и сахарски песок. Иако поединечни настани не предизвикуваат веднаш пад на производството, нивниот ефект се акумулира со текот на времето.

Во Европа, во просек цената за чистење на систем со до 40 панели изнесува околу 244 евра со вклучен ДДВ. Процесот вклучува повеќе фази, од безбедносна подготовка и исклучување на системот, преку отстранување на груби нечистотии, до детално чистење со специјални средства и финално плакнење со деминерализирана вода.

Експертите предупредуваат дека самостојното чистење може да предизвика оштетувања на панелите или кровната конструкција, особено ако се користи несоодветна опрема.

Големите електрани со поинаков пристап

За разлика од домаќинствата, големите соларни капацитети применуваат систематски пристап. Чистењето се врши превентивно, според однапред утврден распоред, без да се чека пад на производството.

Фреквенцијата зависи од повеќе фактори, локацијата, близината до индустриски или земјоделски зони, сообраќајот, количината на врнежи и аголот на поставеност на панелите. Помал агол значи поголема веројатност за задржување на нечистотиите.

Експертите нагласуваат дека перцепцијата дека дождот е доволен за одржување е поедноставена и често неточна, бидејќи ефектот на врнежите значително варира.

Долгорочен ефект врз производството

Влијанието на нечистотијата најчесто се забележува на подолг рок. Според операторите, загубите не се значајни во првите години, но почнуваат да се акумулираат по третата или четвртата година, при што падот на производството може да има експоненцијален тренд.

Затоа, одлуката за чистење се базира на повеќегодишни анализи и проценка на односот меѓу трошоците и потенцијалните загуби. Практиките варираат, некои електрани чистат секоја година, други на две или три години, зависно од условите.

Сепак, најголем предизвик претставува пролетниот период, кога поленот може да се насобере на панелите. Дополнителен ризик е акумулацијата на нечистотија и вода на долниот раб, што потенцијално може да доведе до краток спој.

Иако одлуката за чистење останува индивидуална, експертите се согласни, редовното одржување е клучно за долгорочна ефикасност и стабилно производство на соларните системи.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил