Регистрациите на целосно електрични автомобили во Европската унија во октомври пораснаа за 25,7% во однос на истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA). Во првите десет месеци од 2025 година, електричните возила учествувале со 16,4% во вкупно новорегистрираните автомобили што е значително повеќе од 13,2% во 2024 година.
Од јануари до октомври годинава во ЕУ биле регистрирани 1.473.447 нови електрични автомобили, што е за над 301.000 повеќе од минатата година. Германија убедливо води со над 434.600 нови регистрации и раст од 39,4% на годишно ниво.

Меѓу четирите најголеми економии во Унијата, Шпанија бележи најсилен скок – 89,7%, со вкупно 81.100 нови електрични возила. Италија има раст од 26,5%, додека Франција регистрира умерени 5,3%.
Во процентуален поглед, Полска го предводи растот со импресивни 124,6%, иако целокупниот број од 30.641 возило значи дека електричните автомобили таму сè уште учествуваат со скромни 6,4% од пазарот.
Силни зголемувања се забележани и во земји со мал удел на пазарот, како Словенија (+99,3%), Словачка (+77,5%), Литванија (+62,7%) и Бугарија (+58,1%). Пад на регистрациите има во Хрватска, Луксембург, Малта, Романија и Естонија.
Хибридите најпопуларни, пазарот на автомобили продолжува да расте
Вкупниот пазар на автомобили во ЕУ пораснал за 1,4% во првите десет месеци од годинава, што е четврти последователен месец на раст. Хибридните возила остануваат најбарани, со пазарен удел од 34,6%. Бензинските и дизел автомобилите заедно паднале на 36,6% од пазарот, од 46,3% една година претходно.
Кај производителите, Volkswagen Group бележи раст на продажбата од 5,1%, BMW 6,3%, а Mercedes 2%. Renault има пораст од 7%. Негативни резултати имаат Stellantis (-6%), Toyota (-5,7%) и Hyundai (-4%). Tesla забележува пад од речиси 40%, додека кинескиот BYD продолжува агресивно да се пробива, со речиси 240% раст на продажбата во ЕУ од почетокот на годината.
Извор: Acea.auto
