Париз. 15 јули 2025 – Приходите на Русија од продажба на сурова нафта и нафтени деривати во јуни 2025 година се намалиле за речиси 14% во споредба со истиот месец лани, достигнувајќи 13,57 милијарди долари, соопшти Меѓународната енергетска агенција (IEA).
Светските цени на нафтата годинава се под притисок поради економската неизвесност и зголеменото производство од страна на алијансата ОПЕК+, каде членува и Русија. И покрај тоа, руското производство на сурова нафта останало стабилно на ниво од 9,2 милиони барели дневно, додека испораките се задржале на 4,68 милиони барели дневно. Извозот на нафтени деривати, пак, е намален за 110.000 барели дневно, на 2,55 милиони барели дневно.
Вкупниот извоз на сурова нафта и деривати во јуни паднал на најниско ниво во последниве пет години. Во месечниот извештај на IEA се наведува дека овој пад продолжува низ текот на 2024 и 2025 година, што отвора прашања за одржливоста на руските производствени капацитети.
Цените на руската сурова нафта во јуни главно биле под западната ценовна граница од 60 долари за барел, иако во последните десет дена од месецот ја надминале оваа граница поради загриженост за потенцијален недостиг во понудата. Посебно високи остануваат цените за “киселите” видови сурова нафта, кои имаат висок процент на сулфур.
И покрај тоа што Русија ја одржува својата продукција во рамките на договорените квоти на ОПЕК+, Казахстан неколку пати ги надминал тие граници. IEA информира дека казахстанското производство во јуни се зголемило за 70.000 барели дневно во однос на мај, достигнувајќи 1,9 милиони барели дневно – речиси 500.000 барели повеќе од дозволената квота според ОПЕК+.
Извор: ИЕА