Раното укинување на рускиот гас во ЕУ би можело да предизвика сериозни ценовни шокови во Централна и Источна Европа, предупреди во понеделникот Институтот за енергетски студии од Оксфорд.
Според анализата, целосната забрана на руски гас и ЛНГ, планирана за 2028 година, би имала ограничено влијание врз пазарот. До тој момент се очекува светскиот ЛНГ-пазар да биде во вишок на понуда, додека новото производство од Турција и Романија ќе влезе на европските пазари. Загубите од рускиот гас најмногу би се надоместиле со дополнителни количини од САД и пренасочување на каргата од Азија.
Во овa сценарио, цените на европскиот референтен ТТФ гас би пораснале минимално – во просек за 0,20 американски долари по милион британски термални единици (0,58 евра/MWh) во периодот 2028–2035. Дури и елиминацијата на рускиот гас преку гасоводот „Турскиот тек“ би додала само околу 0,27 долари/MMBtu на цената, со нешто поголем раст во Австрија, Унгарија и Словачка.
Меѓутоа, доколку забраната стапи во сила уште во 2026 година, како што инсистираат одредени американски претставници, последиците би биле многу посилни. Цените би можеле речиси да се удвојат, бидејќи новиот ЛНГ-капацитет сè уште нема да биде достапен, а дополнителните количества од Турција и Романија нема да стигнат на пазарот.
Истражувањето покажува дека цените во Унгарија, Австрија и Словачка би скокнале над 20 долари/MMBtu (58 евра/MWh) во 2026 година, во споредба со актуелната предна месечна цена на ТТФ од 32,15 евра/MWh. Германија, Чешка, Италија, Словенија и Швајцарија исто така би се соочиле со раст над 18 долари/MMBtu. Наспроти тоа, земјите од северозападна Европа со развиена ЛНГ-инфраструктура, како и медитеранските пазари – Грција, Шпанија и Португалија – би останале поблиску до 11 долари/MMBtu.
Извор: Oxfordenergy.org